Премиерот Груевски се сретна со македонски иселеници во Лондон

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски вечерва со средба со македонски иселеници во Лондон ја започна работната економска посета на Велика Британија.

„Веднаш по пристигнувањето во Лондон се сретнав со претставници на нашата дијаспора, Македонци кои живеат во Лондон, успешни во различни области, некои во бизнис, некои во медицина и во други области“, изјави премиерот Груевски по средбата.

Ние сме политичка гарнитура, додаде, која покажа доста различност во однос на претходните за Македонците кои живеат надвор од Македонија. Премиерот посочи дека се создадени посебни врски, дека голем дел од нив се и во институциите во Македонија, меѓу кои тројца министри кои се занимаваат со привлекување странски инвестиции, но и околу 30 кои се дојдени од дијаспората и се поставени на различни позиции во државата.

„Овие врски се значајни бидејќи сите имаат одредени свои познанства во државите каде живеат и се подготвени да ги понудат на Македонија како помош доколку има интерес за тоа“, рече Груевски.

Меѓу присутните на средбата со премиерот, беше и Славица Волт, која работи во гасната и нафтената индустрија, но со Македонија е поврзана преку семејна  едукативна фондација за подигнување на нивото во образованието во Македонија. Таа информира дека се планира од април професори од Оксфорд да држат предавања во Македонија и обратно. Исто така фондацијата, како што најави, ќе финансира и студенти од Македонија за постдипломски студии во Британија.

Оливера Ѓорѓимајкоска, докторант на Кембриџ за катаверична трансплантација, истакна дека во последниот период посебно е поврзана со Македонија преку проектот за специјализација на хирурзи од Македонија на Кембриџ универзиитетот за катаверична трансплантација, за што неодамна беше потпишан меморандум со Министерството за здравство на Македонија и Кембриџ.

Во контекст на ова, во текот на утрешниот ден предвидена е и посета на медицински установи и болници заради разгледување на опциите и можностите за воспоставување соработка со македонските јавни здравствени установи.

Премиерот Груевски утре ќе има средба со претседателот на ЕБРД Сума Чакрабарти. За време на престојот во Лондон предвидени се и средби со претставници на компании кои имаат интерес за Република Македонија како потенцијална инвестициска дестинација и организации со кои остваруваме економска соработка.

Главниот  бизнис настан, форумот за презентација на македонската бизнис клима, ќе се одржи во вторник кога премиерот Груевски заедно со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот без ресор Веле Самак и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо, ќе ги презентираат можностите за инвестирање во Република Македонија.

Форумот се организира во соработка со реномираната групација Фајненшл Тајмс, која учествува во организирањето на настаните со цел привлекување странски инвеститори.

„Ова ни е прво роуд шоу што го правиме заедно со Фајненшл тајмс. Досега организиравме со сопствени капацитети, но овојпат го вклучуваме Фајненшл тајмс со кој направивме многу добар аранжман и се надеваме дека ќе имаме добри гости кои ќе дојдат да ја слушнат приказната за Македонија насочена кон привлекуваме странски инвестиции и отворање нови работни места“, истакна премиерот Груевски.