На 16 декември официјално стартува проектот за СМС известување на пациентите за датумот и часот на нивниот закажан термин за преглед во јавните здравствени установи. Станува збор за уште еден нов модул или нова функциналност на системот за електронски евиденции во здравството и електронско упатување „Мој термин“. Првите СМС пораки за закажани прегледи беа испратени на 1 декември.
Дневно ќе бидат испраќани над 5.000 СМС пораки во кои граѓаните ќе се потсетуваат за тоа кога им е закажан терминот во определена здравствена установа, рече министерот за здравство Никола Тодоров најавувајќи го Проектот за СМС известување на пациентите.
Апелираше до сите граѓани при реализација на прегледот кај матичниот доктор да го остават својот мобилен телефон за што поуспешно информирање на пациентите и почитување на закажаниот термин.
Потенцира дека со проектот предвидуваат уште еден аспект, а тоа е да можат граѓаните кои сметаат дека нема да можат да стигнат на закажаниот термин или од кои било други причини сакаат да го откажат, истиот да го откажат на два начина: да одат кај нивниот матичен лекар и да кажат дека тој термин не им одговара, да побараат друг или да го откажат ако немаат потреба од таа здравствена услуга, или со оваа функционалност која сега ја воведуваат да испратат СМС порака на бројот 144 194 во која ќе стои бројот на нивниот упат.
„Констатиравме дека има определен број пациенти кои не доаѓаат на закажаните термини. Ова претставува сериозен проблем во системот бидејќи тој е така поставен во тој ден треба да одговори на тој број пациенти, а пациентот не доаѓа на закажниот термин. Значи докторот е таму, времето е резервирано, пациентот не дошол, а за таа сметка некој друг пациент чека еден или повеќе денови за да добие конкретен термин“, истакна Тодоров.
Изминатиот период, потенцира министерот, имавме силна кампања за прочистување на овие термини, имавме активност која претставуваше прво детекција на вакво тип термини, а потоа и директно јавување од страна на болниците.
„На овој начин беа прочистени околу две илјади термини и се ослободија нови две илјади. Тоа веднаш го намали времето на чекање за поголем број здравствени услуги. Детални упатства за откажување на терминот ќе бидат наведени на секој упатен образец, а со цел подобро и навремено информирање. Министерството за здравство подготвува и информативни брошури за сите пациенти и за сите здравствени работници“, рече Тодоров.
Појасни дека со навремено откажување на прегледот секој граѓанин придонесува терминот да биде искористен за преглед на друг пациент и за намалување на листата на чекање во ЈЗУ.
„Имаме можност со оваа алатка да им испраќаме СМС порака на сите лекари колку прегледи ќе имаат наредниот ден, со кои упатни дијагнози за да знаат каква работа и колку работа ги чека тој ден. Ова нема само информативен карактер, туку и карактер на сериозно подигнување на квалитетот на здравствената услуга бидејќи лекарот ќе знае со какви пациенти наредниот ден ќе работи, можеби треба да се подготви, да прочита, да се консултира, да размени мислење со некој негов колега и со еден збор да биде целосно подготвен за она што го чека како работа наредниот ден“, нагласи Тодоров.
Додаде дека со користење на системот за електронски евиденции во здравството и електронско упатување „Мој термин“ изминативе шест месеци во континуитет работат на унапредување на квалитетот на здравствените услуги во ЈЗУ, постепено се намалува времето на чекање до пружањето на здравствената услуга и се зголемува квантумот на здравствени податоци и здравствена статистика со која располага Министерството за здравство.