Блокирана болница во Мексико поради озрачени пациенти

Болницата во градот Пачука во Мексико е блокирана, бидејќи во неа наводно се лекувале шест озрачени пациенти. Се претпоставува дека биле изложени на исклучително опасна радијација од кобалт-60 кој се наоѓал во камион, украден пред два дена, во близина на Мексико Сити.

Локалните медиуми објавиле дека полицијата го блокирала приодот до болницата.

Според неофицијални изјави од болницата, само едно лице имало симптоми на изложеност на радијација, вртоглавица и повраќање.

Мексиканската Комисија за атомска енергија соопшти дека кобалтот има радијација од 3.000 кири, што значи дека смртоносно би било доколку некое лице незаштитено стои до толкава количина на радијација, во временски период од неколку минути до еден час.

Камионот со радиоактивен материјал бил украден од складот за чување опасен отпад на болницата во близина на Мексико Сити, а бил пронајден истата вечер. Крадците го извадиле материјалот од контејнерот, со што биле изложени на радијација која претставувала опасност за нивните животи.