Дефект на Меѓународната вселенска станица

Меѓународната вселенска станица се соочува со мали проблеми при дефект на разладната пумпа, но сега-засега нема опасност за шестмината членови на екипажот кои се наоѓаат таму во моментов.

Портпаролот на НАСА, Кели Хемпфриз, истакна дека проблемот може да стане посериозен доколку не се реагира навремено. Тој соопшти дека една од надворешните пумпи престанала да работи за момент, потенцирајќи дека станува збор за пумпа од разладниот систем на Меѓународната вселенска станица.

Превентивно, членовите од екипажот – тројца Руси, двајца Американци и еден Јапонец, исклучиле неколку мали оперативни системи, со што би ја намалиле потрошувачката на електрична енергија.

НАСА соопштува дека истражувањата се во тек и дека се обидуваат да откријат дали проблемот е настанат во хардверскиот или во софтверскиот систем.