Кинеските пилоти ќе слетуваат и при намалена видливост

Во Пекинг, поради густиот смог, од пилотите ќе биде побарано да слетуваат и во услови на намалена видливост.

На овој начин би се извршило намалување на одложувањата на летовите на Меѓународниот аеродром во Пекинг, кој се соочува со најчести случаи на откажани летови од сите 35 меѓународни аеродроми.

Според кинеските медиуми, од 1 јануари, од пилотите кои летаат кон Пекинг, ќе биде побарано да слетуваат на аеродромите користејќи го системот за слетување во услови на видливост до 400 метри.

Пилотите од големите патнички авиони од меѓународните авиопревозници поседуваат сертификат со кој докажуваат дека се во состојба да слетаат и при намалена видливост.

Досега овој тренинг го поминале над 80% од пилотите од авиокомпаниите во Кина, но само поголемите аеродроми, имаат опрема за наведување при намалена видливост. Еден од пилотите истакнал дека со таква технологија, модерните патнички авиони можат да слетаат и при нулта видливост.

Кина не е единствената земја каде загадувањето на воздухот предизвикува проблеми во авиосообраќајот.

Ваквиот концепт на автоматско слетување е осмислен уште во шеесеттите години во Англија.