Реализирана хуманитарната акција „Дарувај од срце“ од страна на Форумот на жени на СДСМ

Форумот на жени на СДСМ, во соработка со Црвен Крст на РМ, по повод Новогогодишните и Божиќните празници, ја организира хуманитарната акција „Дарувај од срце“. На ист ден, во исто време, во градовите на нашата држава, жените членки и симпатизери на СДСМ донираат топла облека и обувки во Црвениот Крст, кои понатака ги дистрибуира до граѓаните на кои  помошта им е најпотребна.

Форумот на жени на ОО СДСМ Охрид и оваа година, ја организира хуманитарната акција во нашиот град. Хуманоста го облагородува човекот; хуманоста го прави човекот голем. Во ова тешко време, кога едвај се составува крај со крај, кога економската моќ на граѓаните е сведена на минимум, навистина голем е човекот кој умее да го подели она скромно што го поседува со својот пријател, сосед, сограѓанин.

Се додека постојат такви луѓе, постои и надежта дека ќе ги вратиме моралните вредности кои под ударот на економската немоќ, потчинетост и говорот на омраза, се повеќе ги снемува.

Форумот на жени на ОО СДСМ Охрид упатува голема благодарност до сите граѓани, кои ни дадоа поддршка и се приклучија во оваа хуманитарна акција. Искрено веруваме дека подароците дарувани од срце, знаат да го најдат вистинскиот пат до срцата на луѓето за кои се наменети.

Посакуваме да се сведе на минимум бројот на луѓето на кои им е потребна помош за задоволување на елементарните потреби; институциите на системот максимално да го свртат вниманието кон поединецот, бидејќи благодетта на поединецот е основен предуслов за успех и напредок на општеството и на државата.