Македонија У12 го освои златниот медал на меѓународниот турнир во Букурешт

По трите победи во првите два дена од турнирот, репрезентацијата на Македонија до 12 години оствари убедлив триумф и во четвртиот натпревар на меѓународниот турнир во Букурешт, по што со максимален учинок се закити со златниот медал и пехарот.

Со добра тимска игра и доминација во текот на целиот натпревар против Слем од Букурешт, избраниците на Горан Ѓорѓиевски победија со високи 85-15 и го заслужија славјето на највисокото одличје на крајот. Во претходните два дена, нашата најмлада репрезентација победи и во натпреварите со Буба од Бугарија, како и со романските екипи Лагуна и Дан Дачијан, со што успешно го комплетираше своето дебитантско меѓународно учество.

По завршувањето на последниот натпревар се одржа и церемонијата за доделување медали и признанија, по што нашата делегација тргна назад за Скопје.