ВМРО-НП со соопштение по повод одбележувањето на Водици

По повод одбележувањето на Водици, ВМРО – Народна партија испрати соопштение во кое стои:

„ВМРО – Народна партија со сериозна загриженост ги доживува изјавите на членовите на здружението Богојавление кои во медиумите најавија дека почнале преговори да се донесе турбо фолк пејачката Лепа Брена да настапи во Охрид за Водици.

Апелираме до Локалната власт да не влегува во реализација на секоја идеја со која максимално би се комерцијализирал верскиот празник Водици, а истовремено со невкус и кич би се изгубила и неговата духовна димензија.

Такви ѕвезди, секс симболи чиј стајлинг е заснован на полугола облека, сметаме дека не треба да се носат на било какви фестивали на пиво или Нова Година, а не пак да се ангажираат ѕвезди кои настапуваат во нај мини здолништа и пеат песни за „дуге ноге“, „уске панталоне“ и „врата развали па ме запали“ на Водици. Тоа не само што е непримерно, туку е и антиверски и антидуховен чин.

Се надеваме дека разумот ќе преовлада и дека нема да дојде до ангажирање на Лепа Брена или некоја друга секс бомба на Водици и дека градот нив нема ги ангажира на било какви настани или празници.

Пред Водици да се свртиме кон постот, а на Водици кон молитвата и славењето на верата Христова.“ – стои во соопштението од ВМРО – Народна партија.