Во врска со денешната прес-конференција на Општинската организација на СДСМ со реакција излезе Општина Охрид, во која стои:
„По старото правило СДСМ повторно со неаргументирани напади има намера да се амнестира од катастрофалната состојба во која ја доведоа општина Охрид. Фактот што без никаква потреба, освен партиска, осум години ја пренатрупуваа општинската адмнинистрација, за Социјалдемократите не е некоја значајна појава. Денес истите тие кои до само пред неколку месеци ја малтретираа и тероризираа општинската администрација и вработените по јавните претпријатија по секојдневни митинзи и протести, само да ја остварат нивната партиска агенда, со замена на тези се обидуваат да ја обвинат сегашната Локална власт за партизација.
Градоначалникот Бакрачески ја затекна Општина Охрид со 265 вработени, во најголем број со статус на државни службеници. Голем дел од нив досега биле без работни задачи или пак незнаеле кои им се работните обврски. Дополнително, затекнати се уште 160 вработени со договори за дело, од кои преку половината со заобиколување на Агенцијата за вработување. За над 90 % од овие времени вработувања нема евиденција дека се појавиле на работните места или дека извршувале некакви работни задачи. Споредбено, општина Охрид има 5 пати повеќе администрација од европскиот просек и убедливо најголем број на локална администрација во Република Македонија. Во 2005 година, СДСМ ја затекна општинската администрација со 52 вработени. Само во периодот февруари-март оваа година, во екот на предизборната кампања, вработени се четириесеттина државни службеници, без некоја елаборирана потреба од нив. Најголем дел од административните вработувања имаа нелогични описи на работните обврски, работните места се систематизирани со несоодветно образование со описи на работни задачи кои се апсолутно неефикасни и вон секој критериум за административно работење.
СДСМ и поранешните раководни структури во општината, со огромниот број нерационални вработувања, свесно ја уништуваа општината и јавните општински претпријатија, иако знаеја дека тие вработувања освен за партиски манипулации, неможат да бидат ниту економски, ниту професионално оправдани. Таквиот нивен начин на работа, од профитабилни ги претворија јавните претпријатија во фирми во кои што месечните приходи се помали од расходите по основ на плата. Тоа доведе кон тотален финансиски колапс на општината и јавните претпријатија кои произлегуваат од неа, што подразбира дека тоа е смислено сценарио во функција единствено на добивање гласови на изборите. Таквото нивно уништувачко спроведување на партиските агенди, без грижа за последиците, ја направија општина Охрид неславен рекордер во Р.Македонија и Балканот по евидентирани долгови, чии што последици идните години ќе ги чувствуваат 55 илјади граѓани.
Новата организација и систематизација на општинската администрација има за цел да ја стабилизира состојбата со општината и да создаде административен систем кој ќе биде во насока на потребите на граѓаните, а не на некои корумпирани поединци. Веројатно, тоа е она што е тешко разбирливо за охридските социјалдемократи.“ – се вели во реакцијата од Општина Охрид, испратена до медиумите.