Македонија и Србија со заеднички контакт центар за полициска соработка

Македонската и српската полиција добија заеднички контакт центар за соработка на граничниот премин Табановце. Центарот, ќе овозможи поблиска соработка и размена на информации на  полициските службеници како и полесно разрешување на евентуални спорни ситуации.

Министерката за внатрешни работи на Република Македонија Гордана Јанкулоска и српскиот премиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, кои го пуштија во употреба контакт центарот,  потпишаа и протокол за полициска соработка за време на туристичката сезона.

„Заедничкиот контакт центар очекуваме да даде придонес во зголемување на ефикансноста на двете држави, посебно ако се земе предвид дека овој заеднички контакт центар го отвараме токму на граничниот премин каде што имаме најголема фреквенција, а со самото тоа и најголеми можности за евентуални злоупотреби и проблеми кои се јавуваат при редовното работење“, рече министерката Јанкулоска.

Таа додаде дека на овој начин полициите од двете соседни држави од двете страни на границата, истовремено ќе се информираат за прашањата за кои треба да постапуваат.

„Заеднички врз основа на информациите со кои ќе располагаат да носат одлуки како да се постапи во конкретна ситуација без притоа да се забавува сообраќајот и да се креираат дополнителни проблеми кои што на некој начин би го отежнале протокот на луѓе и стока преку овој граничен премин“, рече Јанкулоска.

Претседателот на Владата на Србија и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ смета дека отворањето на овој центар како и потпишувањето на протоколот за соработка е доказ за добрата соработка на двете министертва во изминатиов период.

„Потпишавме и протокол за полициска соработка за време на туристичката сезона, што е особено важно за нашите граѓани кои го поминуваат одморот овде во Македонија и секогаш е добро да постои контакт точка“, рече Дачиќ, додавајќи дека соработката помеѓу полициите е оперативна и дека очекува да продолжи и во наредниот период.

Министерот за внатрешни работи на Србија рече дека и двете држави имаат заеднички проблеми кои не се како што потенцира изворни за државите.

„Тоа е проблемот со илегални мигранти, проблемот со лажни азиланти и сето тоа што сме принудени да го работиме имајќи ја  предвид ЕУ, исто така, ние се наоѓаме на транзитен пат на илегалната миграција која поминува покрај нашите подрачја и се поголем дел за жал во тек на запирањето или апсењето останува кај нас да бараат азил. Србија одеднаш стана земја која има голем број азиланти. Кога јас станав министер за внатрешни работи во 2008 година тој број беше помал од 100 азиланти годишно, а сега изнесува околу  5000“, рече Дачиќ и додаде дека се  свесни дека најголем број од нив немаат намера да бараат  азил во Србија, туку дека бараат  начин да одат кон Западна Европа .

Според него тоа прави проблем имајќи предвид дека Србија има и свои граѓани кои се лажни азиланти кои одат по пари.

„Кога е во прашање Србија, тоа во најголем број се Роми и Албанци и во сето тоа е тешко да се пронајдат најдобри мерки, освен остра контрола која ја спроведуваме но, не е лесно да се бориме против тој заеднички проблем кој сите ние овде го имаме“, потенцира Дачиќ.

И министерката Јанкулоска појасни дека заеднички преку координирани  акции се настојува да се решава овој вид на проблеми.

„Овој е еден од преминините каде што често се соочуваме со проблемот на запирање на илегалните мигранти, односно нивните обиди да продолжат понатаму кон земјите од ЕУ, посебно ако се земе предвид  дека најголем дел од илегалните мигранти кои ги таргетираат и Македонија и Србија доаѓаат преку нашата јужна граница преку соседна Грција и во таа смисла и по однос на овие случаи и по однос на случаите кога граѓани од нашите држави се обидуваат нелегитимно да бараат азил во западно европските земји создава дополнителен притисок на системот на азил на ЕУ, ние низ непосредна соработка , директно преку размена на информации, координирани активности, настојуваме заеднички да делуваме и во превенирање односно справување со ваквиот тип на појави“, рече Јанкулоска.

Таа потенцира дека  во изминатиов период системот на размена на полициски службеници  при спортски натпревари и туристичка сезона придонесува за поволна безбедносна состојба.

„Размената на полициските службеници  кога се во прашање државјани од двете држави кога станува збор за наши полициски службеници  од Србија во време на туристичката сезона во Македонија ги даде свои резултати и со задоволство може да констатирам дека и во услови на масовни собирања како што беа спортските натпревари во Србија и во услови на туристичка сезона кога има се поголем број на туристи од соседните држави ние имавме поволна безбедносна состојба односно немавме дополнителни проблеми“, истакна Јанкулоска.

Министерката се заблагодари на Мисијата на ОБСЕ за поддршката и за обезбедувањето на опремата на контакт центарот.

Премиерот Дачиќ изрази задоволство од кавлитетот на одностите меѓу двете држави.

„Тие односи ќе продолжат и понатаму. Оваа година ќе продолжиме со пракса на седници на двете влади и ќе дефинираме се што е спорно. Тука мислам дека треба да водиме сметка за нашите интереси и заеднички да ги артикулираме и браниме  кога се во прашање заедничките проекти кои сите ги имаме, а секако тука е членството во ЕУ“, рече премиерот Дачиќ.