Груевски и Тодоров го означија почетокот на проектот Нов клинички центар

Почетокот на градежните активности за изградба на новиот клинички центар пред старата зграда на Клиниката за гинекологија и акушерство-Скопје денеска го означија премиерот Никола Груевски, министерот за здравство Никола Тодоров и заменик-министерот Јовица Андовски.

Премиерот Груевски изјави дека стартот на оваа голема операција е со уривање на старата зграда на Клиниката за гинекологија која треба да се отстрани за да се изгради нов современ огромен комплекс клиники „Мајка Тереза“.

„Тоа е на местото на старата зграда на Клиниката за гинекологија која е од 30-тите години на минатиот век, значи над 80 години стара, многу руинирана и затоа се изгради нова Гинекологија. На местото на старата зграда на Клиниката ќе почне градбата на новиот клинички центар. Практично, технички гледано, градбата на новиот објект почнува денеска со тоа што мора да се отстрани стариот објект, чекор по чекор, за да не се нарушат добрите услови за работа на околните објекти кои се дел од овој комплекс клиники „Мајка Тереза“,“ рече Груевски, додавајќи дека уривањето ќе трае три месеци.

Тој посочи дека многу внимателно, по сите безбедносни стандарди, ќе се отстрани сегашниот објект на чие место веднаш потоа ќе почне градбата на новиот објект во кој Владата инвестира околу 70 милиони евра. Градбата ќе се одвива околу три години.

„Во објектот ќе се сместат речиси сите клиники од комплексот „Мајка Тереза“, освен Инфективната која намерно е оставена да биде малку понастрана и ќе биде споена со Хирургија. Три ката на хирургија ќе бидат слепени со овој нов објект, а исто така ќе биде поврзан со топол премин и со Клиниката за гинекологија која е веднаш до овој објект“, истакна Груевски.

Нагласи дека се работи за еден мошне модерен центар чија проекција многу внимателно ја изготвиле експерти кои имаат искуство во вакви објекти во други развиени држави во светот, што било и услов во тендерот за проектирање да мора компаниите кои ќе се јават да имаат архитекти со искуство во градба на вакви објекти во други држави од ОЕЦД.

„Почнуваме еден капитален проект за државата затоа што комплексот клиники „Мајка Тереза“ не е болница за Скопје, тоа е комплекс клиники за сите, терцијарно здравство за сите граѓани на Македонија. Практично тука ќе биде концентрирана не само болничката дејност, туку и научната дејност, како што е сега, но ќе биде во многу подобри, посовремени услови кои ќе бидат и за доброто на пациентите, но и за доброто на лекарите и другиот медицински персонал кои во многу подобри услови ќе можат да ја остваруваат својата дејност“, додаде премиерот Никола Груевски.