МЗТ Скопје со победа во АБА лигата ја почна новата година

Со водство во текот на целиот натпревар против Шолнок, МЗТ Скопје Аеродром успешно ја почна новата календарска година, остварувајќи го својот седми триумф во АБА лигата. На средбата во СЦ „Борис Трајковски“, дебитираа двете нови странски засилувања – Шеховиќ и Цветковиќ.

По почетните 4-2 за Шолнок, Унгарскиот состав не дојде до водство во ниту еден друг момент од натпреварот. МЗТ Скопје Аеродром предводен од Чековски, Гечевски и Шеховиќ ја превзема контролата врз играта и резултатот, за на крајот на првата четвртина да води со 19-10. Приморувајќи го противникот на грешки во организацијата на нападите и добро затворајќи ги рекетите, скопјани постојано ја одржуваа благата едноцифрена предност, додека тренерот Мартич често ротираше со составот во втората четвртина.

Со тројката на Александар Цветковиќ пред крајот на третиот период, МЗТ за прв пат поведе и со двоцифрена разлика (51-40), па иако Шолнок преку поените на поранешниот играч на Карпош Соколи, Страхиња Милошевиќ, успеа да намали на три поени разлика, Чековски ја прекина серијата со тројка и го задржа својот тим во ритам. Разликата до крајот постојано се движеше околу 10 поени, за во рутинската завршница, МЗТ да слави со 73-63.

Сеад Шеховиќ со 18 поени имаше впечатливо деби, слично како и Цветковиќ кој постигна 10 поени. Меѓу поистакнатите беа и Маринковиќ, Кирил Николовски, Чековски и Гечевски. Кај Шолнок, Бадер постигна 16 поени, додека Милошевиќ и Војвода реализираа по 14 коша.

Ова беше седма победа за МЗТ Скопје Аеродром во 15-тиот натпревар, која сега го искачува на шестата позиција на табелата. Во наредното коло кое е предвидено за 11 јануари, македонскиот шампион гостува на Будуќност во Подгорица.