За првите десет месеци од 2013 година, согласно податоците од Државниот завод за статистика, има значително подобрување на целокупната туристичка ситуација во Република Македонија, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини.
Доколку се земе вкупниот број на туристи во Македонија за првите десет месеци лани, како што рече Сарачини, можеме да констатираме дека имаме раст за шест проценти.
„Ако се погледне бројот на странски туристи тогаш можеме да констатираме дека имаме зголемување на 15 отсто во однос на истиот период за 2012 година“, изјави министерот.
Тој додаде дека ова е добар резултат и во иднина ќе се работи на зголемување на бројот на странски туристи.
За 2014 година најави амбициозна програма за промоција на Република Македонија во светот.
„Ова е досега најамбициозната програма донесена од Владата на Република Македонија. Износот на субвенции за 2014 година изнесува 155 милиони денари, што е речиси двојно повеќе од 2013 година кога беше 75 милиони денари“, потенцира Сарачини.
Македонија ќе биде претставена во повеќе од 15 светски дестинации. Ќе се организираат и т.н. роуд шоуа само во делот на туризмот, каде ќе има средби со туроператори, туристички агенции и работници во областа на туризмот. На средбите ќе бидат претставени можностите за привлекување туристи и можностите за инвестирање во туристичките развојни зони во Република Македонија.
„Република Македонија е единствена земја во регионот која има поволни услови за инвестирање во туризмот каде се нудат добри фискални бенефиции“, рече Сарачини.
Министерството за економија, како што рече, за 2014 година веќе обезбеди 200 илјади долари, средства од Словенија кои ќе бидат наменети за обука, едукација и доедукација на туристички работници во Македонија.
„Сметаме дека ова ќе придонесе нашите туристички работници кои ќе бидат обучени од светски експерти за подобро да се однесуваат и попрофесионално да се однесуваат со туристите“, рече Сарачини.
Тој најави дека од април 2014 година се воведуваат три нови авио нискобуџетни линии за Париз, Брисел и Франкфурт. Според Сарачини, со ова дополнително ќе се зоглеми бројот на туристи во Република Македонија.
Според податоците од Државниот завод за статистика, растот на бројот на туристи во Македонија е од два до три пати поголем од просечниот светски раст во областа на туризмот.
„Целта ни е до 2020 година учеството на туризмот во бруто домашниот производ да биде 5 отсто“, потенцира Сарачини.
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Кристијан Џамбазовски информира дека Македонија следната недела ќе биде претставена на саемите за туризам во Утрехт и Виена. Тој ги претстави шесте нови брошури, кои ќе се користат како промотивен материјал на саемите за туризам. Брошурите се за историја, археологија и култура, настани и традиција, храна и вино, рурален еко туризам, лов и рибилов и природа и активности во природа.