Лицата кои живеат во станови доделени од државата врз основ на ниски приходи ќе можат да поднесуваат барање да ги откупат под поволни услови. Оние кои нема да ги откупат ќе плаќаат закупнина и тоа пониска или социјална доколу спаѓаат во ранливи категории граѓани, и комерцијална доколку не се во овие категории. Средствата од продажбата ќе се користат за изградба на нови станбени единици со кои државата ќе го реши прашањето за домување на други категории граѓани.
Оваа одлука, како што информираше на прес-конференција министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески ја донела Владата во консултација и одобрување од Банката за развој при Советот на Европа, со која е првично реализиран „Проектот за изградба на станови кои ќе се издаваат на лица со ниски приходи ФП 1340“. Одлуката е донесена поради големиот интетрес на граѓаните за откуп на овие станови.
„Лицата корисници на овие станови можат да поднесат барање за купување на станот до АД за стопанисување со станбен и деловен простор во државна сопственост, по истекот на закупничкиот период кој не може да биде пократок од пет години. Барателот треба да е македонски државјанин, да нема долг по основ на закупнина, а тој, неговиот брачен другар и членовите на неговото заедничко домаќинство да немаат стан, куќа или куќа за одмор или деловен простор во нивна сопственост или да не се корисници на друг стан или деловен простор во државна сопственост на територијата на Република Македонија“, појасни министерот Јанакиески.
Додаде дека услов за да може да се откупи ваков стан е и лицето, неговиот брачен другар и членовите на неговото заедничко домаќинство да не примаат поголем доход од 100 проценти просечна плата во Република Македонија, калкулирано по коефициенти.
„За возрасно лице барател коефициентот е 1, за секој друг возрасен 0,5, малолетно лице 0,3. Тоа значи за семејство со две деца коефициентот изнесува 2,1 кој се множи со просечната плата. Приходот во семејството не треба да биде над износот добиен со ваква пресметка. Исто така ратата не смее да изнесува повеќе од 30 проценти од вкупните примања во заедничкото домаќинство“, рече министерот за транспорт и врски.
Цената на становите ќе се утврдува врз основа на Уредбата за методологијата за утврдување на вредноста на станот, како и методологијата за утврдување на висината на закупнината, донесена од страна на Владата на Република Македонија. Таа ќе варира во зависност од градот, локацијата, местоположбара и ќе се движи во рамките од 400 до 700 евра за метар квадратен.
Становите ќе можат да се купат во готово или со уплата на 30 проценти од проценетатат вредност на станот, а останатите средства да се иплатат на 240 рати.
„Лицата кои не ги исполнуваат условите за откуп на овие станови ќе продолжат да ги користат со плаќање на закупнина, чија цена зависи од висината на вкупните приходи на семејството кое живее во станот, односно доколку имаат пониски приходи од наведените во критериумите ќе плаќаат социјална закупнина од 15-20 денари по метар квадратен или пак доколку имаат повисоки приходи од наведените во критериумите ќе плаќаат закупнина од 60-85 денари по метар квадратен, во зависност од локацијата на станот“, рече Јанакиески.
Додаде дека реализацијата на овие активности, не само што ќе овозможи излегување во пресрет на голем број семејства кои не можеа да ги откупат становите во кои живеат веќе подолг временски период, туку и ќе овозможи реализација на нови проекти со кои ќе се решава домувањето на лицата кои се во социјален ризик и го немаат решено ова животно прашање.
Во Македонија има 850 вакви станови во повеќе градови. Најмногу има во Скопје и во Велес.