Последната група деца замина на бесплатно зимување на Пелистер

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов ја испрати третата група деца на бесплатен одмор и рекреација во детското одморалиште Пелистер.

На бесплатно зимување на Пелистер годинава услугата ќе ја искористат околу 1.000 дечиња во рамки на владиниот проект за бесплатен одмор и рекреација за деца од социјално загрозени категории, социјални семејства, со пречки во развојот, со посебни потреби и деца и без родители и родителска грижа.

„Досега 660 деца ја искористиле услугата, а ова е последната група која заминува. Опфатени се сите градови од Македонија со по определн број деца, кои имаат можност да ја искористат услугата, односно да присуствуваат на бесплатен одмор и рекреација, своето време да го поминат во дружење во забава, културно-забавни и едукативни активности и да имаат незаборавни моменти и среќни мигови за време на беспатниот одмор, кој трае шест дена со полни пансиони“, изјави Спасов по испраќањето на последната тура.

Ова е трета година во која се релизира проектот за бесплатен одмор за деца од социјално загрозени семејства во зимскиот и во летниот период.

„Изминатите три години опфатени се над 6.000 дечиња. Владата и во иднина ќе продолжи со реализација на проектот овозможувајќи им на децата, кои доаѓаат од социјално загрозените семејства беспалтен одмор, да им дадеме можност и тие да посетата одредени летни или зимски одморалишта“, посочи Спасов.

Сузана Тунева – Пауновска, секретар на Црвениот крст на Град Скопје, истакна дека Црвениот крст трета година е вклучен во проектот со волонтери кои ги придружуваат  децата кои ги користата летните, односно зимските одмори.

„Над 30 волонтери ќе присуствуваат во зимските одморалишта, кои се со одредена професионална струка, пред се социјални работници, психолози, педагози и студенти во завршни години на студии. Тоа се волонтери кои имаат завршено одредена обука како треба да се однесуваат и што треба да организираат за децата додека престојуваат во одморалиштата“, рече Тунева – Пауновска.

Идејата, додаде, е да им го направат попријатен претстојот во одморалиштето, преку социјализација и рекреација одморот да им остане во добар спомен на дечињата.