Сојуз за иднината: Ќе ги искористиме сите демократски средства за борба доколку не им се обезбедат соодветни услови за работа на службениците во Косел

Советничката група на Сојузот за иднината остро реагира на последното изживување и притискање на десетина вработени во Локалната самоуправа. Најавите во предизборната кампања дека нема да има никаков политички реваншизам паднаа во вода. Напротив, ваков реваншизам не е забележан откако Република Македонија е независна држава.
Откако тие државни службеници беа префрлени без никаков основ во општинаската зграда во с. Косел таму се соочија со мизерни услови. Во зградата во која треба ги извршуваат работните обврски нема вода, нема греење, ѕидовите на канцелариите се со влага што сериозно може да влијае на нивното здравје. Кој ќе ги сноси последиците по здравјето на овие службеници?

Која е вистинската цел заради која овие службеници се префрлени во Косел? Дали најпрво локалните власти ќе чекаат некој сам да се откаже заради мизерните услови, а потоа комплетно сите да се избркаат од работа?

Упатуваме апел до градоначалникот Бакрачески веднаш да престане со овој мобинг врз вработените. Во најбрз можен рок бараме да им се обезбедат соодветни услови за работа на службениците или да ги вратат веднаш на работа во главното седиште на Општина Охрид. Во спротивно, Сојузот за иднината ќе ги искористи сите демократски капацитети да спречи секаков мобинг на вработените во Локалната самоуправа.

Советничка група

Сојуз за иднината