Затворен современ пазар и веб-страна се само дел од проектите на ЈП „Градски Пазар“

Директорот на ЈП „Градски Пазар“, Тони Коталески на прес средба информираше за состојбата на претпријатието и за  идните планови во наредниот период на претпријатието.

„Ќе почнам со најзначајните и најкапиталните проекти, е изградбата на нов затворен современ зелен пазар, кој го вети Градоначалникот Никола Бакрачески и истиот беше дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013 година како еден од приоритетните проекти, и еве веќе за нецела година имаме успеси, процедурата е при крај, за скоро време се очекува распишување на тендер за доделување на договор за Јавно Приватно Партнерство и негова изградба за да конечно Охрид како туристички центар  добие затворен современ зелен пазар“. – истакна Коталески.

Во рамки на  овој проект покрај зелен пазар, како што рече Коталески, предвидено е да  функционираат повеќе содржини, шопинг центар, паркинг, магацински простор за корисниците на зелениот пазар, административни простории и сл. Сето тоа е со цел задоволување на потребите на коминтентите од претпријатието, како и сите корисници на услугите.

„Како што веќе е информирана јавноста од  градоначалникот Никола Бакрачески, потребната планска документација за изградба на пазарот веќе е завршена, а одобрена е и физибилити студијата за економската оправданост  на  проектот. Очекуваме  дека до крајот на месец јануари  ќе се објави тендерот за јавно приватно партнерство. Секако дека во ова прилика сакам да ги информирам сите наши коминтенти дека во сите фази на реализација на овој проект ќе овозможиме континуирано функционирање на пазарот, без да се има било каква несигурност на нашите верни коминтенти“. – рече Коталески.

Друг проект како што информира Коталески е  изработката на веб страна на ЈП „Градски Пазар“, која за две до три недели ќе биде активна.

„За каква и да било потреба во денешно време, сите се осврнуваат прво на интернетот како најлесен начин за доаѓање до информации, Затоа повеќе од неопходно е односно итно е потребна веб страна за ЈП „Градски Пазар“, која што страна редовно ќе ј ажурираме со податоци, и со која ќе се олесни работењето како и рекламирањето на ЈП. Веб страната ќе биде изработена од ЈП „Градски Пазар“ и финансиски нема да го оптерети буџетот на претпријатието, односно ќе биде бесплатна. На веб страната планирано е поставување на електронски барања за закуп, поставување на договори, известувања, спогодби, информации за слободни тезги или деловни простории, потоа цени на производи, Информации од јавен карактер итн.“ – информира Коталески.

Директорот Коталески информираше и за финансиската состојба на претпријатието, за која како што рече е затекната со доаѓањето на оваа локална власт, конкретно со негативното салдо и повеќето неисплатени обврски према добавувачи, паушали за управни и надзорни одбори и други финансиски обврски кои што се наследени од претходната локална власт и раководство на ЈП „Градски Пазар“.

„Сега ситуацијата е променета односно ЈП „Градски Пазар“ во изминатиов период, успеа да ги намали финансиските долгови, да ги исплати сите заостанати паушали за УО и НО и да го донесе претпријатието во една добра финасиска состојба.“ – рече Коталески.

Коталески информираше и за тоа дека воспоставени биле конкретни процедури за извршување на работните задачи на сите вработени, и тоа во правец на едношалтерски систем на вршење на услугите кон корисниците на услуги на претпријатието, како и поефективно функционирање на сите активности во пазарот.      

„Оваа година ќе бидат отпочнати активности и за други значајни проекти, со дефинирање на соодветни локации и изградба на: мини пазари, за земјоделски производи, пред се во летниот период, цветен пазар и современи цвеќари, пазар за продажба на моторни возила. Исто така во однос на организацијата планираме формирање на нов сектор за соработка со производители на органски здрава храна, активности за подобрување на енергетската ефикасност со користење на обновливи извори на енергија и секако сево ова треба да биде спроведено со имплементација на ИСО, ХАССАП и  ХАЛАЛ стандарди“. – додаде директорот Коталески.

WebOhrid