Италијанската компанија Итек која произведува композитни материјали се очекува наскоро да започне со изградба на новиот објект во индустриската зона во Тетово. Оваа инвестиција ќе чини 5 милиони евра и на самиот почеток се очекува да се отворат 150 нови работни места. Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Р. Македонија, Висар Фида по потпишување на договорот изјави:
„Ова е прва инвестиција која ќе се реализира во ТИРЗ-Тетово. Оваа компанија ќе реализира инвестиција во зоната во Тетово преку локалната компанија „PRO COMP ADVANCE TECHNOLOGIES“. Инвестиција е од областа на композитните материјали и ќе чини 5 милиони евра, а со тоа и во првите две години ќе донесе 150 нови вработувања. Самиот објект, кој се надевам ќе започне многу брзо да се гради, ќе биде на површина од 6000м2“, изјави Фида.
Во оваа прилика, Роберто Оскири директор на компанијата Итек го изрази своето задоволство за оваа инвестиција.
„Среќен сум што се наоѓам во Македонија во оваа прилика и се надевам дека ќе имаме успех“, рече Оскири.
Според најавувањата, првата фаза на оваа инвестиција се очекува да заврши набрзо, додека пласманот е обезбеден за две години.