15-годишниот Крсте Наумоски е среќниот фаќач на светиот крст во Коњско

Празникот Богојавление-Водици, традиционално, освен на Градскиот плоштад во Охрид, се одбележува и на другите населени места. 

Со песни и ора се одбележа и во населбата Коњско, каде што меѓу 40-мината скокачи, најсреќен беше 15 годишниот Крсте Наумоски.

„Прв пат скокам годинава и првпат го фаќам светиот крст. Имам 15 години и учам во гимназија „Св.Климент Охридски“ – Охрид. Многу сум среќен и посакувам многу здравје“, рече Наумоски.

Се смета дека оној што ќе го фати крстот ќе има среќа, здравје и благосостојба  во текот на целата година.

Претседателот на месната заедница на д.Коњско, Никола Тренески во изјава за WebOhrid на сите вернци им го честита празникот Богојлавление-Водици, со желба за многу здравје, радост и среќа.

„Пред се сакам да им го честитам празникот Богојавление- Водици на сите верници. Ова е пред хотелот Белви, традиционално месното население Коњско организира фрлање на крстот. Оваа традиција постои веќе 20 години на истово место и секоја година е се помасовно и помасовно посетено, не само од мештаните од Коњско, туку и од граѓани и од Охрид и туристи кои се сместени во околните хотели“, – рече Тренески.

Тренески вети дека ваквите манифестации ќе продолжат и во иднина, но и најави новитети кои што МЗ ќе ги огранизира наредниот период.

„Во план ни е со осветувањето на црквата Св.Недела во долно Коњско, манифестациите да ги организираме и да продолжат во тој простор,со што ќе му дадеме и еден посебен белег на оваа манифестација. Настојуваме да биде промовирано не само во Охрид туку и пошироко во Македонија, а пред се што оваа манифестација е посетена од жители наши мештани од прекуокеанска Австралија. Посебна чест ми е, што на некој начин тие допринесуваат да има посебен белег на ова место, па затоа вооедно истите пораки се, што помасовно секоја година да ни доѓаат од Австралија“, – истакна Тренески.

Претседателот на МЗ Коњско, Тренески, на среќниот фаќач на крстот, Крсте Наумоски и на неговото семејство му посака многу среќа, здравје и успех во годината.


WebOhrid