Од денеска е пуштен во употреба Системот за управување со учењето (ЛМС) за сите државни службеници кој на почетокот ќе понуди девет развиени обуки за теми од областа на човечките ресурси, информираше денеска на прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
Како што соопшти, до крајот на оваа година бројот на обуките ќе биде над 20.
– Системот за управување со учењето (ЛМС) нуди низа предности за организациите, корисниците и за предавачите, што ќе овозможи подигнување на степенот на професионална наобразба на државните службеници, заштеда на време и трошоци, а ќе овозможи и континуирано знаење за начинот, формата и услугата која ја даваат институциите. Истовремено, тој обезбедува постојано учење, што ја прави содржината за учење достапна на секој корисник 24/7 од која било веб локација која има интернет пристап, со можност повеќе корисници да ја посетуваат истовремено, истакна Ивановски.
Системот претставува веб базирано решение http://e-obuki.mioa.gov.mk/, а до него ќе може да се пристапи од која било точка со пристап на интернет, па и од „паметен“ мобилен уред, преку повеќе прелистувачи.
– Корисниците ќе можат сами да изберат кога, каде и што ќе учат, а секој од нив ќе си избере сопствено темпо на учење, согласно предзнаењата и навиките за учење. Исто така, ќе постои можност за самопроверка на знаењето, преглед на извештаите на успех и пријавување на дополнителни курсеви, рече Ивановски.
Нагласи дека станува збор за инвестиција која нуди вистинска средина за учење достапна за сите службеници во секое време и од секаде.
На новинарско прашање за дефиницијата новинар во законот за медиуми, министерот Ивановски рече дека законот ќе се спроведува како што е донесен и додаде доколку Македонската асоцијација за новинари (МАН) и Здружението за новинари на Македонија (ЗНМ) се согласат за дефиницијата новинар тој во секој момент е подготвен во договор со нив да ја корегира таа дефиниција.