Извлечени четвртфиналните и полуфиналните двојки од кошаркарскиот Куп на Македонија

Бранителот на трофејот МЗТ Скопје Аеродром и Струмица ќе го отворат овогодинешниот Завршен турнир од Купот на Македонија, кој во Охрид ќе се игра од 6 до 9 февруари. Во второто четврточно четвртфинале ќе се сретнат Кожув и Фени Индустри, додека во петок ќе се играат преостанатите два четвртфинални дуели на кои Работнички ќе игра со Куманово, а Лирија со Карпош Соколи.

На почетокот на прес-конференцијата, Ратко Капушевски – директорот на СЦ „Борис Трајковски“ кој беше минатогодишен организатор на Купот на Македонија, информираше дека од влезниците за натпреварите минатата година, набавена е кошаркарска опрема која денеска беше подарена на Домот за деца без родители „11 октомври“. 

„Чест ми е и задоволство што бевме партнери со МКФ во Арената ’Борис Трајковски’. Победи најдобриот, а се надевам дека и оваа година ќе биде така. Иако бевме критикувани за високата цена од 120 денари, по 20 денари од секоја влезница беа наменети за Домот. Средствата кои ги собравме беа доволни да се обезбеди кошаркарска опрема која со задоволство денеска ќе им ја предадеме на претставниците од Домот. Целта е овие дечиња да растат во спортски и кошаркарски дух и некој од нив во иднина да видиме во најдобрите кошаркарски клубови. Можеби еден ден и како ја претставува репрезентацијата на Македонија“, изјави Капушевски.

Пред извлекувањето на четвртфиналните двојки за Купот во Охрид 2014 година, на Тодор Гечевски – капитенот на минатогодишниот освојувач на Купот, МЗТ Скопје Аеродром, му беше врачен пехарот од 2013 година во трајна сопственост.

А извлекувањето сакаше токму МЗТ Скопје Аеродром да го одигра првиот натпревар во овогодинешното издание на Купот, кога ќе се сретне со Струмица. Во второто четврточно четвртфинале ќе се сретнат Кожув и Фени Индустри, додека во петок ќе се играат преостанатите два четвртфинални дуели на кои Работнички ќе игра со Куманово, а Лирија со Карпош Соколи. Веднаш потоа, извлечени беа и двојките за полуфиналните натпревари кои ќе се играат во сабота, а таму победникот од мечот МЗТ Скопје – Струмица ќе игра со подобриот од дуелот Кожув – Фени Индустри, додека победникот од мечот Работнички – Куманово ќе се сретне со подобриот од дуелот Лирија – Карпош Соколи. Четвртфиналните и полуфиналните натпревари ќе се играат во термините од 17:30 и 20:00 часот, додека финалето за недела е закажано за 17:30 часот.

По извлекувањето, претставниците на сите осум клубови учесници преку изјави за бројните присутни медиуми ги претставија своите очекувања во пресрет на натпреварите. Сложни беа во изјавите за големата важност на натпреварувањето и ветија максимална пожртвуваност, борба и фер игра на секој меч.

Покрај натпреварите од сениорскиот Куп во машка конкуренција, во СЦ „Билјанини Извори“ во текот на викендот ќе се одиграат и финалните натпревари во останатите натпреварувања. Женското сениорско финале ќе се игра во недела во 15:00 часот, женското младинско финале е истиот ден од 13:00 часот, додека младинското финале во машка конкуренција е закажано за сабота од 15:00 часот.