Градоначалникот Бакрачески свечено го пушти во употреба малиот плоштад

Градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески, денеска свечено го пушти во употреба малиот плоштад на местото кај старата градска библиотека.

„Охриѓани и сите гости, посетители и туристи на градот, од денес имаат на располагање уште еден атрактивен простор и уште една препознатливост на Охрид. Но, ниту јас како градоначалник на Охрид, ниту локалната самоуправа не застануваме тука. Напротив, оваа година Општината влегува во градежна експанзија  и отпочнување на  неколку капитални проекти кои ќе го препородат градот и општината. Поддршката која секојдневно ја добиваме од граѓаните, се нашиот мотив да работиме посветено, упорно и отчетно за да ја стабилизираме негативната состојба која ја затекнавме во општината, да обезбедиме развој на Охрид, подигнување на економските перформанси на општината  и што е најважно да создадеме услови за зголемување на вработувањето и подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани,“- рече во своето обраќање градоначалникот Бакрачески.

Градоначалникот Бакрачески рече дека ова место, овој простор во иднина ќе биде сцена за одржување на културно уметнички манифестации.

„Успеавме заедно со охридските јавните претпријатија за рекорден период од 2 месеци да го претвориме во убаво катче, место кое што ќе претставува повод за рекреација, релаксација, за забава за сите  граѓани на Охрид. Најверојатно место кое во иднина ќе биде една сцена за одржување на културно уметнички манифестации, по кој ќе е препознатлив Охрид. Се надевам место кое ќе остане во сеќавање на посетителите и туристите кои што ќе доаѓаат во Охрид.”– истакна градоначалникот Бакрачески.

Изградбата на  малиот градски плоштад започна во месец ноември, а конечниот лик го доби изминативе денови. Малиот градски плоштад опфаќа простор од 403 метри квадратни, партерно уреден со високо квалитетни мермерни  и гранитни плочи, поставени се клупи за одмор, современо хорти културно осмислен. Инсталирано е подно осветлување и канделабри, а  ѕидините се осветлени со илуминати кои го надополнуваат пријатниот амбиент во вечерните часови. Во реализацијата за Малиот градски плоштад кој е создаден во релативно краток временски период  покрај стручните служби на Општина Охрид,учествуваа и Јавните Претпријатија- Градски гробишта, Нискоградба, Проаква, Билјанини Извори и Комуналец.

Инаку, денешното свечено ставање во употреба на Малиот градски плоштад беше проследено и со музичко сценски хепенинг на кој учествуваа и членовите од КУД“Распеани герданчиња“.

WebOhrid