Мултимедијална изложба на „Лице в Лице“

Автентично толкување на улицата со сите нејзини лица и асоцијациите на неа – слобода, среќа, љубов, копнеж, протест, надеж, тага, сиромаштија, страв, неизвесност, се дел од мултимедијалната изложба „Улица“ која „Лице в лице“ ќе ја отвори на седми февруари во 20.30 часот во „Концепт 37“ во Скопје.

Изложбата ќе биде достапна за публиката уште 10-тина дена по отворањето, а е дел од одбележувањето на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат (3-9 февруари), глобален настан кој опфаќа повеќе програми и активности кои ја слават работата на уличните продавачи. Во рамки на изложбата, ќе биде промовиран и деветтиот број на уличното списание.

На фотографиите е прикажана улицата како секојдневен предизвик за фотографското око на двајца професионални фоторепортери, Томислав Георгиев и Роберт Атанасовски. Повеќе наши писатели, поети и новинари се инспирираа од фотографиите на двајцата автори и создадоа свои литературни записи и со тоа, како и фотографите, дадоа свој придонес во градењето на свеста и проактивноста во поглед на креирање подобро општество за сите. Литературните записи се дела на: Никола Маџиров, Ирена Јорданова, Дарко Лешоски, Ана Голејшка, Николина Андова, Иван Шопов, Биљана Стојановска и на Маја Васева. Поезијата и прозните дела кои ги напишаа писателите, ќе бидат и дел од перформанс на кој ќе учествуваат двајца креативци, Кристина Тодороска – Петреска и Климент Попоски од Здружението Иницијатива за независен културен активизам (ИНКА), а ќе учествуваат и дел од продавачите на „Лице в лице“. Музиката е на „Мaмут и Јашем“ (Mammoth & Yashem), од цедето насловено „Музика за неснимен краткометражен филм“, издание на независната издавачка куќа „Шарла“. По перформансот, музика ќе пушта Ненад Тонкин. На самиот настан, публиката ќе има можност да го купи ова оригинално музичко издание, како и уште две на домашни автори кои издаваат за „Шарла: „Свети Никола Тесла“, деби ЕП издание на „Коридор 10“, како и „Деца во длабоко“ на Пиколомини.
Фотографиите од изложбата ќе бидат дадени на аукција, а парите ќе се наменат за поддршка на програмите на „Лице в лице“.

Глобалниот настан, Меѓународна недела на продавачи на уличен печат, кој во Македонија го одбележува „Лице в лице“, го слави претприемачкиот дух и ја предизвикува јавноста за прашања поврзани со сиромаштијата и со бездомништвото ширум светот.

Продавачите на „Лице в лице“, околу 40 на број, се на повеќе места низ Скопје, Неготино, Струга и Битола, а во рамки на Неделата, имаат можност поинтензивно да ја добијат поддршката од граѓаните но и од компаниите, организациите, институциите кои ќе ги поканат на гости.
Уличните списанија ширум светот веќе две децении се предводници на глобалното движење кое се бори со сиромашијата, бездомништвото и со социјалната исклученост, овозможува нови работни места и ги предизвикува луѓето да бидат активни граѓани.

Минатата година, повеќе од 8.000 продавачи на улични весници и списанија имале корист од активностите кои се направени во рамки на Меѓународната недела. Настанот достигна читателска публика од 700.000 луѓе ширум светот, а над 200.000 беа вклучени во коментари, споделувања и интеракции на социјалните мрежи. Настанот доби публика од 2,8 милиони луѓе.
Членки на ИНСП се 122 улични изданија од светот, кои се издаваат во 42 различни земји, во над 600 градови. Во еден момент на улиците низ светот се околу 14.000 продавачи, а вкупната заработувачка која ја направиле тие е 26 милиони фунти на годишно ниво. Вкупната бројка на продавачи на кои им помогнало глобалното движење на уличниот печат низ годините e над 250.000

Во новиот, деветти број на уличното активистичко списание, покрај текстовите посветени на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат, објавуваме текст за уметноста на улица, како и ексклузивна сторија за уличниот уметник Стик, кој некогаш бил бездомник, а чии дела сега купуваат познати поп ѕвезди. Објавуваме низа аспекти на образовниот систем и алтернативните начини на образование, анализи за економските политики во однос на сиромаштијата, за општествената одговорност и технологијата, како и текст за младинскиот активизам кој се раѓа во Битола преку активностите на здружението „ФОРУМ 16“. Новинарката и активистка Ана Јовковска пишува за новата револуција, а објавуваме и интервјуа со професорот Митко Хаџи Пуља, како и со модната креаторка и активистка Ирина Тошева. Во новиот број ќе го најдете и блогот на амбасадорот на ОБСЕ во земјава, Ралф Брет, како и приказната за балканскиот рис кој е во опасност.

Активностите на платформата „Лице в лице“ се подржани од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, имплементиран од Фондација Отворено општество – Македонија.