Во Македонија зголемен бројот на заболени од грип

Во текот на 5-тата недела од 2014 година (од 27.01.2014 – 02.02.2014 година), во Република Македонија се пријавени 2.350 (МБ 11,4/10.000) новозаболени на групни пријави за заболени од грип, што во однос на минатата недела претставува згголемување на бројот на регистрирани случаи за 12,4%. Заболените се пријавени од  28 извештајни единици (од вкупно 31).

Во споредба со бројот на заболени во 5-тата недела од минатата сезона (2.190), се бележи зголемување за 7,3%, а во однос на епидемискиот праг (просечниот број на заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период, кој изнесува 1.738), се регистрира зголемување за 35,2%.

Вкупниот број на заболени од грип во републиката од почетокот на сезоната 2013/2014 (40 недела, 2013) заклучно со 5-тата недела од 2014 година, изнесува 7.778 (МБ 37,8/10.000). Во овој период регистрирани се два смртни случаи, асоцирани со инфекција со вирусот на грип. 

Во споредба со истиот период минатата година (5.664 заболени), постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 37,3%, а во однос на просекот за 10-годишниот период (6.566) се регистрира зголемување за 18,5%.

Заболени лица за целата оваа сезона се пријавени во 30 од 31 извештајна единица, но во 4 единици бројот на регистрирани заболени лица е помал од 10.

Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци прикажана на Графикон 2, укажува на тоа дека во месец јануари пријавени се најголем број на случаи со симптоми на грип – 6.801 или 87,4% од вкупниот број на заболени во целата сезона 2013/2014. Во месец декември, регистрирани се 606 случаи или 7,8%.

Најголем број на заболени во оваа сезона се регистрирани на територијата на ЦЈЗ Велес /ПЕ Кавадарци – 1.360 и ЦЈЗ Скопје – 1.154 заболени, а најголем МБ (315,2/10.000) е регистриран во ПЕ Кавадарци.

Бројот на заболени и морбидитетот по возрасни групи, во сезоната 2013/2014 е прикажан во Табела 1. Најголем број на заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15-64 години) со 5.083 случаи (65,4%), а најголем МБ (75,2/10.000) е регистриран кај најмладите –  децата до 4-годишна возраст.

Во текот на 5-тата недела од 2014, до вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ пристигнати се 11 материјали за тестирање на грип, од кои 6 биле позитивни и тоа: 3 се позитивни на вирусот на инфлуенца А/H3N2, 2 се нетипизирани инфлуенца А вируси и 1 на вирусот на инфлуенца A/H1N1pdm09.

Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 73 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, од кои 35 или 44,9% биле позитивни на вирусот на инфлуенца. 

Од позитивните, 30 материјали се конфирмирани како инфлуенца А (85,7%), а кај 5 е докажано присуство на инфлуенца Б вирусот (14,3%). Од инфлуенца А позитивните, 7 или 23,3% се конфирмирани како инфлуенца A/H1N1 pdm 09, 15 материјали се позитивни на инфлуенца А/H3N2 (50%), а 8 се нетипизирани инфлуенца А вируси (26,7%).

Во извештајот за движењето на вирусот на грип во сезоната 2013/2014 во Европа, според информациите на електронскиот неделник на WHO – Euroflu за 4-тата недела, се наведува дека активноста на вирусот на грип во последните неколку недели во Европскиот регион – воглавно во јужните земји, расте бавно, но стабилно. 

Во останатите земји, активноста е пониска во споредба со истиот период од минатата сезона. Сепак, во четвртата недела сите земји пријавиле тренд на раст на активноста. Од почетокот на сезоната, influenza A е предоминантен тип во регионот. Бројот на лабораториски потврдени, хоспитализирани случаи се зголеми во последните неколку недели во јужните и западните европски држави, а 87% од случаите во 4-тата недела се предизвикани од A(H1N1)pdm09.   

Во текот на 4-тата недела биле тестирани 10.749 примероци од лица со заболувања слични на грипот (ILI), акутни респираторни инфекции (ARI) и тешки акутни респираторни инфекции (SARI). Од нив, 1.568 или 15% биле позитивни за грип, а од нив 96% биле позитивни на influenza A, додека само 4% на influenza B. 

Од почетокот на сезоната (40 недела/2013), детектирани се и типизирани 7.969 примероци на грип. Од нив, 94% се типизирани како influenza A и 6% како influenza B. Од influenza A типизираните наоди, 5.473 се субтипизирани – од нив 3.076 (56%) се A(H1N1)pdm09 и 2.397 (44%) се A(H3N2). Субтипизирани се и 54 influenza B вируси, а од нив, 50 (93%) се B/Yamagata и 4 (7%) се B/Victoria. 

До крајот на 4-тата недела, 17 земји пријавиле доминатен инфлуенца вирус (инфлуенца А) за оваа сезона, додека пак од земјите кои даваат податоци за субтипизација – Ирска, Словенија, Македонија и Турција пријавиле дека доминатен сој е А(H3N2); Бугарија, Грција, Латвија, Норвешка, Шпанија и Обединетото Кралство (Шкотска) – А(H1N1)pdm09, а Франција, Италија, Русија и Швајцарија пријавиле кодоминантост помеѓу овие два соеви. 

Во текот на 4-тата недела од 2014 година, повеќето европски земји пријавиле низок интензитет на активноста на вирусот на грип, но со тренд на раст. Што се однесува до географската распространетост, воглавно е спорадична, освен во Бугарија, Грција, Шпанија и Обединетото Кралство (Англија) каде е пријавена широка распространетост. Стапките на ILI и ARI продолжија да растат и во третата недела, но сéуште се под националните епидемиолошки прагови во 17 земји кои воспоставиле такви прагови, освен во Албанија, Швајцарија и Израел.

Бројот на пријавени хоспитализации поради тешки акутни респираторни инфекции (SARI) незначително се намали во последната недела. Најголемиот број на хоспитализирани случаи припаѓаат на возрасната група од 0-4 години.