Пред 12 дена е објавен повикот за давање под концесија на 39 ловиштата во ловните региони Македонски Брод, Берово, Прилеп, Тетово, Велес, Свети Николе, Радовиш, Штип, Битола, Делчево и Кочани и истиот ќе трае се до 17 март.
Од нив 26 се ловишта за ситен дивеч, додека 13 за крупен дивеч. Јавниот повик е отворен за сите стопански објекти, а концесионерите ќе се одберат по пат на електронска аукција.
Владата на Република Македонија ја донесе Одлуката за започнување на постапка за доделување на концесија на дивечот во ловиштата на 27 декември 2013 година.
„Како Влада апелираме сите стопански субјекти кои што имаат интерес да конкурираат за добивање на овие ловишта кои што се предмет на јавниот оглас, добро да ги поучат можностите, да ги искористат сите опции кои што им се на располагање и да аплицираат до 17 март годинава и на тој начин да придонесат да отворат нов бизнис или пак ширење на постоечкиот, да остварат економски бенефит, раст на нивните капацитети и се разбира да обезбедат нови работни места, во кои што ќе се вработуваат граѓаните а и битно ќе се придонесе кон локланиот економски развој во односното место каде што се стационирани ловиштата,“- истакна портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев, кој додаде дека годинава првпат при доделувањето на ловиштата ќе биде воведена електронска аукција со која ќе се избегне човечкиот фактор.
На огласот, како што потенцираше Министерот за земјоделство Љупчо Димовски, покрај домашните здруженија на ловци, може да конкурираат и надворешни компании коишто се заинтересирани да го вложат својот капитал во развивањето на ловниот сектор во Република Македонија.
Димовски посочи и дека постапката за доделување концесија ќе се одвива во две фази и тоа во првата фаза јавно ќе бидат отворени пристигнатите понуди, додека во втората фаза првпат ќе се спроведе електронска аукција.
„Почетниот износ за наддавање ќе биде највиоскиот понуден износ на надоместокот за концесија на дивечот во ловиштата, утврден по јавното отварање на доставените понуди. Победник ќе биде оној правен субјект кој ќе понуди највисок надоместок за концесија на дивечот на лоиштата“, – рече Димовски, потенцирајќи дека минималниот концесиски надоместок е десетгодишниот износ на конcесијата даден во планските документи за секое ловиште посебно.
Според владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, со електронската аукција се воведува поголема транспарентност во постапката.
„Со воведувањето на овој принцип се отстрануваат сите можности за определено субјективно однесување од страна на кој било субјект кој учествува во постапката, а се создаваат транспарентни, отворени услови за реализацијата на овој процес. Ловиците, ловечките друштва и стопанските субјекти кои имаат интенција да аплицираат на овој оглас треба да бидат потполно уверени дека единствено нешто што ќе се вреднува ќе бидат нивните понуди“,- нагласи Ѓорѓиев.
Во Македонија има 264 ловишта од кои досега 204 се дадени под концесија. За 39 постапката е во тек, а за останатите 24 концесијата истекува во 2015 година.
Јавното отварање на понудите за овие 39 ловишта ќе биде јавно и ќе се одржи на 18 март во 10 часот во просториите на Министерството за змејоделство, шумарство и водостопанство.