По 25 години направена е првата кадаверична трансплантација

На Универзитетската клиника за урологија ноќеска по подолг период направена е првата кадаверична трансплатација. Трансплантирани се бубрези кај двајца пациенти од починат донатор.

Министерот за здравство Никола Тодоров и тимот лекари што работеле на трансплантацијата денеска му се заблагодарија на семејството на донаторот, кое, како што рекоа, ја почуствува големината на тоа да се овозможи да се спасат други два животи.

 „Тоа е голем чекор и мислам дека сите во Македонија треба да го следиме овој пример на едно семејство, кое во состојба на голема тага одлучи да помогне на други две семејства“, – изјави Тодоров.

Тимот од околу 50 лекари и помошен персонал, кој ја направил трансплантацијата, според него, со многу оптимизам, напорно и со голема саможртва работел на реализација на проектот.

„Целата процедура беше спроведена согласно стандардите и постапките пропишани со Евротрансплант и очекувам пациентите приматели на двата бубрега дека ќе имаат повисок квалитет на живот“,-  нагласи Тодоров.

Директорот на Клиниката за урологија Михаил Пенев информира дека експлантацијата и трансплантацијата почнала во 1 часот по полноќ, а во 8 утрово интервенцијата била завршена.

„Уролошката клиника располага со две екипи, кои во секој момент може да извршат експлантации и трансплантации на бубрези. Имаме можности, опрема, потрошен материјал, така што ништо не фали да изведеме во секој момент кадаверична трансплантација“,- истакна Пенев.

Доктор Аспазија Софијанова, која е и национален координатор за трансплантација исткна дека и покрај огромната загуба, семејството на донорот имало разбирање оти со она што ќе го дадат преку својот член ќе значи спасување на два нови живота.

На Клиниката за нефрологија, како што посочи директорот Александар Шиколе, во соработка со Институтот за трансфузилогија се изготвува листа за трансплантација и како резултат на тоа биле избрани двата најслични потенцијални пациенти на кои успешно им беа пресадени два бубрега.

Листата, која постојано ќе се обновува, според него, има 30-тина кандидати за кадаверична трансплантација.

Кадаверична трансплатација во Македонија последен пат е изведена во 1989 година.