Одржана конференција на тема „Правните аспекти на говорот на омраза на Интернет“

Омразата ја има во сите сфери, но прашањето е, дали интернетот ја поттикнува со самото тоа, што им дозволува на луѓето полесно да ја искажат, велат правниците. На денешната трибина на Студентскиот парламент, посветена на оваа тема, професорот на Правниот факултет, Драги Рашковски, рече дека истражувањата покажуваат дека речиси секој трет пост на фејсбук содржи говор на омраза.

„Без разлика дали тоа е таканареченото хејтање, во врска со нечија гардероба или настап, па се до највисокиот чин, ширењето на расна и верска омраза, сето тоа содржи говор на омраза“, – вели професорот на Правен факултет, Драги Рашковски.

На трибината беше посочено и дека говорот на омраза е присутен и во музиката, спортот, а особено во политиката. Најдрастичен пример за тоа, какви последици може да предизвика говорот на омраза, според Андреј Божиновски, е норвежанецот Андреас Брејвик, чиј идол бил познат блогер кој ширел расна нетрпеливост.

Според владиниот застапник во Судот за човекови права во Стразбур, пред овој суд досега немало предмети за говор на омраза од Македонија. Но, другите земји, веќе се соочуваат со такви проблеми.

На трибината беше посочено и значењето на медиумите, кои мора многу да внимаваат какви информации пласираат на интернет. Од Агенцијата за млади и спорт рекоа дека, се повеќе се наметнува потребата, говорот на омраза да стане кривично дело.

Конференцијата е поддржана од Агенцијата за млади и спорт – национален координатор на Кампањата против говор на омраза во Република Македонија.

извор: Телма Телевизија