Стручните екипи од Музејот на град Скопје и од Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со финансиска поддршка од Министерството за култура, ги започнаа активностите од втората фаза на систематските археолошки истражувања на Римскиот театар во колонијата Флавија Скупи во Скопје.
Во втората истражувачка фаза, која ќе трае до крајот на оваа година, предвидено е да се ископува целиот простор на кој лежи театарот, како и неговата поблиска околина. Со овие археолошки истражувања ќе се изврши целосно ископување и подготовка на просторот на театарот за наредните активности, односно конзервација и реконструкција на театарот, што треба да се реализираат во 2015 година.
Со реализацијата на петгодишниот проект за археолошки истражувања, конзервација и реставрација на театарот на локалитетот Скупи, кој претставува најголем, досега познат, антички објект во Република Македонија, ќе се создадат услови за негова целосна културна и туристичка презентација. Римскиот театар во градот Скупи се наоѓа на југозападната блага падина на археолошкиот локалитет Злокуќанско Кале, веднаш под акрополата. Извесни параметри упатуваат на максималниот капацитет на театарот од околу 9000 гледачи. Се смета дека бил изграден во времето на римските императори Хадријан или Антонин Пиј, што значи меѓу 120 и 150 година н.е.