Претседателот Иванов: Со чест и задоволство ја прифаќам иницијативата и ќе ја поднесам кандидатурата

Претседателот Иванов денес имаше обраќање  до македонската јавност, во кој истакна дека со чест и желба за нови успеси ќе ја поднесе неговата кандидатура до Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Пред крајот на мојот мандат како Претседател на Република Македонија, чувствувам потреба но и обврска да ви се заблагодарам вам, на граѓаните на Република Македонија за вашата досегашна поддршка, и да ви ја соопштам одлуката која ја донесов за периодот кој следи.

Во текот на целиот изминат период, врвна цел за мене беше одговорно, чесно и посветено да го бранам достоинството и интересите на Македонија и македонските граѓани, да останам посветен и доследен на програмата со која ја добив вашата доверба, а на чија реализација посветено работев, фокусиран на нашите заеднички вредности во кои сите веруваме и за кои работиме заедно.

Работев напорно имајќи ја пред себе целата одговорност и товар на тоа што значи да одлучуваш за иднината на сопствената земја, но исто така имајќи ја пред себе и обврската која ја чувствувам кон сите наши граѓани за да ги реализирам нивните потреби и интереси и кои во целиот изминат период со нивните очекувања беа дел од моето секојдневие.

Се трудев најдобро што знам, дадов максимум од себе, затоа што бев свесен колкави се очекувањата, но и одговорноста од мене и што значи во едни вакви времиња да се биде на оваа одговорна функција. Поминавме исклучително сложени моменти, многу предизвици, посебно на меѓународен план, имавме и предизвици и разочарувања, но и постигнавме многу резултати, успеси, подобрувања, но што е најважно во суштинските моменти дејствуваме заеднички и обединето, цврсто и со збиени редови, секогаш водејќи се од интересот и потребите на граѓаните.

Водев одговорна и принципиелна надворешна политика заснована врз нашите стратешки определби, и врз нашите национални и државни интереси. Политика на отвореност кон сите. Бев активен и во економската и јавната дипломатија, свесен за потребата од промоција и афирмација на државата во еден глобализиран свет, но и од неопходноста за обезбедување на нови работни места во нашата земја и привлекување на инвестиции, нешто на што заедно со владата работевме.

Секогаш се водев од интересите на граѓаните и зацртаните стратешки цели. Истовремено, секогаш бев меѓу својот народ, иако некои понекогаш со иронија и потсмев гледаа на таа моја блискост со народот. Јас знам од каде произлегувам, и од каде ја црпам мојата сила, од народот, и за мене секогаш ќе биде гордост и чест да бидам со мојот народ.

Верувам дека постигнавме добри резултати, исто како што верувам дека секогаш може да се продолжи да се направи уште повеќе и да се постигнуваат натамошни достигнувања. Пред нас доаѓаат години на уште поголеми достигнувања. Не чека уште многу работа која треба да донесе напредок и просперитет за сите наши сограѓани.

Патот е трасиран.

Деновиве во јавноста се појави иницијатива за моја повторна кандидатура за Претседател на Република Македонија, на која поддршка дадоа врвни интелектуалци и професионалци во своите области, јавни личности од општествениот живот на Република Македонија, луѓе со резултати, со достигнувања, со кредибилитет. Кон иницијативата се приклучија и ја подржаа и еминентни лица од политичкиот живот, со кои во изминатиот период соработував согласно ингеренциите и должностите во решавање на предизвици и реализација на проекти и активности кои носат подобри услови и можности за граѓаните.

Дозволете ми во оваа прилика искрено да им се заблагодарам на потписниците и подржувачите на иницијативата за поддршката за моја втора кандидатура за функцијата претседател на Република Македонија. Им благодарам и на сите што деновиве постојано се обраќаат во Кабинетот и Народните Канцеларии и бараат и тие да ја дадат својата поддршка или потпис.

Со чест и со задоволство, имајќи ги во предвид сите предизвици и перспективи со кои се соочуваме, со посветеност и одговорен пристап, со желба за постигнување на натамошни успеси за нашата татковина, кои ќе бидат од интерес за сите граѓани, сакам да изјавам дека донесов одлука да ја прифатам иницијативата за мое кандидирање за Претседател на Република Македонија и дека ќе ја поднесам мојата кандидатура на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија.

Во животот има моменти кои ги одредуваат нашите натамошни активности и ги определуваат натамошните заеднички достигнувања. Во таквите мигови треба да се носат правилни одлуки кои се резултат на верба во вредностите. Самиот успех е резултат на правилен избор на одлуки.

Јас цврсто верувам дека сите ние заедно, граѓаните на Република Македонија, Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Власите,Бошњаците, и другите, христијаните, муслиманите, Евреите и атеистите, имаме потенцијал и капацитет да носиме мудри одлуки и тоа сме го покажале. Горд сум на тоа што, заедно со вас, мои сограѓани, го направивме за нашата татковина. Да продолжиме заедно да ја градиме нашата заедничка иднина, да ја градиме државата, да го развиваме соживотот, да ги негуваме вредностите и да ги промовираме националните и државните интереси на Република Македонија. Да се биде Претседател на Република Македонија значи секогаш да бидеш чесен кон своите сограѓани, да се држиш до зборот и до достоинството и да си секогаш на страната на заедништвото, демократијата, единството и патриотизмот.

Да продолжиме заедно по тој пат, да продолжиме да се бориме заедно еден до друг, рамо до рамо за секој еден граѓанин на нашата земја и да се стремиме да го подобриме нивниот живот.“ – рече во своето обраќање претседателот Иванов.