“Дух” незаконски го снабдувал со возила кумановското ЈП “Чистота и зеленило“

СВР Куманово до ОЈО Куманово поднесе кривична пријава против лицата: С.П. (46) од Куманово, А.К. (38) од Свети Николе, поради постоење основано сомнение дека ги сториле кривичните дела – “злосторничко здружување“, член 394 став 1 и “злоупотреба на службена положба и овластување“ член 353 став 5 в.в. став 1, а в.в. член 22 од КЗ на Р.М; како и против лицата Б.Ј. (52); С.М. (42) и С.Г.(54) сите од Куманово, поради основано сомнение дека ги сториле кривичните дела – “злосторничко здружување“ член 394 став 2 и “злоупотреба на службена положба и овластување“ член 353 став 5 в.в. став 1 од КЗ на Р.М.

Првопријавениот С.П.вработен како директор на ЈП “Чистота и зеленило“ Куманово заедно со второпријавениот А.К. сопственик и управител на браварската работилница “Дух“ ДООЕЛ Свети Николе по претходен договор на точно неутврденa датa и место создале група со цел браварската работилница “Дух“ да се здобие со противправна имотно корист во износ од 5.300.000 денари а од друга страна со истиот износ да биде оштетено ЈП.

Имено, С.П. злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување со пречекорување на границите на своето службено овластување иницирал набавка на три половни комунални ТМВ за подигање, собирање и транспортрање на смет и едно половно специјално моторно возило – метлачка за потребите на претпријатието преку Постапка за доделување на договр за јавна набавка-Тендер. И за таа цел заедно со А.К. кој исто така ја злоупотребил својата службена положба и овластување со пречекорување на границите на своето службено овластување по претходен договор дека ќе го добие тендерот, организирале посета на авто-плацеви на територија на Р.Германија, со цел пронаоѓање на соодветни возила, нивно плаќање преку сметка на фирмата на А.К. од кои средства дел се авансно платени од ЈП “Чистота и зеленило“ Куманово заедно со нивно транспортирање до РМ.

По распишување на тендерот во постапка на одлучување Б.Ј., С.М. и С.Г. ја злоупотребиле својата службена положба и овластување со пречекорување на границите на нивните службени овластувања на начин што како членови на Комисијата за јавни набавки при ЈП “Чистота и зеленило“. Имено, тие на 30.04.2012 година, при отворање на двете понуди од браварската работилница “Дух“ ДООЕЛ Свети Николе и Друштвото за еколошки, комунални и други услуги „Еко Тера Интернационал„ ДООЕЛ Скопје постапиле спротивно на законот и не ги провериле техничките понуди поднесени од двата понудувачи а кои се во врска со условите и барањата од техничките спецификации од тендерска документација во поглед на тоа дали понудените возила се регистрирани со македонски рег.таблици и дали се со извршена хомологација, односно дали истите да ги исполнуваат важечките законски прописи на РМ. Спортивно на ова тие само утврдиле дека понудата на Друштвото за еколошки, комунални и други услуги „Еко Тера Интернационал„ ДООЕЛ Скопје е некомплетна и ја отфрлиле од понатамошна евалуација а ја прифатиле претходно договорената понуда од браварската работилница “Дух“ ДООЕЛ Свети Николе иако и таа била некомплетна односно фирмата воопшто ги немала понудените возила во РМ, ниту пак тие биле регистрирани на македонски рег.таблици и со извршена хомологација.

По изготвување на записник од отворање на понудите истите му овозможиле на А.К. да ги донесе и да ги регистрира возилата во РМ, односно да го спроведе претходно направениот договор со С.П. по што возилата за сума од 61.764 евра со ДДВ биле набавени од страна на понудувачот браварска работилница “Дух“ ДООЕЛ Свети Николе а на ЈП „Чистота и зеленило„ Куманово и биле продадени за 86.179 евра без ДДВ, со што оствариле профит од 34.219 евра кои пари по претходен договор би биле поделени помеѓу С.П. и А.К.