Прогресот на Република Македонија во областа на одбраната и безбедноста, реформските зафати, како и стратегиската цел на нашата држава за членство во евроатлантските структури беа темите на кои се осврна министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери, на денешната средба со високата делегација од Директоратот за политика и планирање на НАТО алијансата, предводен од директорот Франк Боланд.
Министерот Џафери, пред присутните, меѓу кои и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески и заменик-министерот Емил Димитриев посочи дека Република Македонија вложува големи напори кон остварување на поставената цел за стекнување на полноправно членство во НАТО, факт кој може да се види преку континуираната подготвеност и посветеност за учество во меѓународните мировни мисии. „Република Македонија е кредибилен партнер, подготвен да ги преземе одговорностите кои произлегуваат од членството во НАТО. Највидлива е соработката преку учеството на Република Македонија во меѓународните операции. Оваа година го задржавме истото ниво на придонес како и во 2013 година, а планираме да продолжиме со учеството во операциите и по 2014 година“, додаде на состанокот министерот Џафери.
Во контекст на плановите за развој на Армијата на Република Македонија, министерот Џафери посочи дека Владата на Република Македонија го усвои Долгорочниот план за развој на одбраната 2014-2023 година кој содржи елементи кои ќе овозможат континуиран напредок и модернизација во областа на одбраната.
Директорот на Директоратот за политика и планирање, Боланд, заблагодарувајќи се за одличната атмосфера која ги следела дискусиите, посочи дека нашата држава дава конзистентен придонес во меѓународните мировни мисии. Тој, воедно, изрази и подготвеност и отвореност од страна на Алијансата, за секаква помош кога станува збор развојот и растот на секторот одбрана.
Неколкудневната посета на тимот од НАТО-алијансата, која ги вклучуваше и вчерашните разговори предводени од државниот секретар во Министерството, Сашо Стефаноски, е во насока на унапредување на соработката помеѓу Република Македонија и НАТО, како и поддршка на напорите за континуиран развој, и тоа преку системот за редовна евалуација на нашата држава како аспирант за полноправно членство во Алијансата.