„Домашна визита“ кај уште 10.000 граѓани во наредниот месец и пол

Од утре во следниот период од месец и пол во рамки на проектот „Домашна визита“ ќе бидат посетени уште 10.000 граѓани-постари лица со хронични болести (респираторни, кардиоваскуларни, дијабетeс), како и со болести на р’бетот и костозглобниот систем. До крајот на годинава ќе бидат посетени уште 60.000 хронично болни лица кои ќе бидат од различни категории во зависност од состојбата со тие заболувања во државата, од бројот на препишани рецепти во тој сегмент и од фокусот кој сакаме да го ставиме на определена територија.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека успешно се реализира проектот кој го иницирале како широка акција за превентивни здравствени прегледи со цел зголемување на грижата за постарите и изнемоштени лица и дополнително приближување на здравствената заштита до оваа категорија граѓани.

„Во рамки на акцијата која почна на 18 ноември 2013 година, а е наменета за посета на стари, изнемоштени лица, и лица со хронични болести на кои посетата до најблиските амбуланти им е отежната поради самата болест, досега се опфатени околу 16.000 граѓани. Просечно, дневно, од страна на патронажните тимови се посетуваат околу 400 постари лица со возраст над 60 години, кои имаат болести на срцето, белите дробови, дијабетес и други хронични заболувања“, посочи Тодоров.

Како резултат на позитивното искуство од терен и искажаниот интерес на граѓаните за тој вид прегледи, истакна министерот, одлучивме да ја прошириме акцијата и согласно потребите на граѓаните постепено ќе бидат опфатени нови категории граѓани кои ќе бидат дел од акцијата.

Тодоров нагласи дека друга новина е што во Програмата „Здравје за сите“ за годинава која е усвоена и објавена во Службен весник во јануари, за оваа активност се предвидени финасиски средства со вкупен износ од 3,5 милиони денари.

„Би посочил покарактеристични примери од терен. Од страна на медицинските екипи е увидено дека кај дел од пациентите кои имаат дијабетес нивото на детектираната гликемија е повисоко од посакуваната вредност и таквите случаи се забележани во речиси сите региони низ Македонија. Кај таквите пациенти даден е совет за исхрана, за промени на начинот на живеење, за интензивирање на физичката активност, како и да се јават кај матичниот доктор за натамошно регулирање на гликемијата“, рече Тодоров и додаде дека тие лица се советувани да направат проценка на целно оштетување на органи поради зголеменото ниво на шеќер во крвта, односно да се направи ЕКГ, да се испита функцијата на окото и бубрежната функција.

Посочи дека во Куманово од посетените 950 пациенти – детектирани се 24 нови пациенти со дијабетес (кои не знаеле дека имаат зголемена гликемија), како и 26 со покачен артериски крвен притисок, додека кај 42 лица од посетените во тој град поради најразлични симптоми (болка во стомак, вртоглавица) даден е совет веднаш каде да се јават на понатамошно лекување.

„Во Делчево, пак, од околу 400 посетени пациенти во домашни услови, повеќе од 30 имале нерегулирана хипертензија и покрај тоа што им е препишана терапија и 35 пациенти биле со неконтролирано ниво на гликемија. Во регионот кој го покрива Здравствен дом Делчево откриени се пет нови случаи со дијабет. Еден од нив поради многу високи вредности на гликемија бил упатен во итната медицинска помош, а потоа препратен во болницата во Штип“, истакна Тодоров.

Во Охридскиот регион, нагласи министерот, е детектирана добра состојба на терен и од посетените пациенти речиси кај сите е утврдена добра гликемична контрола, но во овој регион се откриени поголем број пациенти со зголемен крвен притисок (кај неколкумина е откриено ниво на систолна хипертензија од 200 мм/Хг) и истите се советувани веднаш да се јават кај матичниот доктор или интернист за да се интензивира или зголеми дозата на постојната терапија. Забележано било дека кај помал дел од пациентите кои имаат потврдена астма, се влошени симптомите и е даден совет да се јават на пулмолог.

„Во Виница се посетени околу 200 пациенти и кај околу 20 од нив, односно кај 10 проценти новото на шеќер и крвен притисок биле покачени и кај сите е даден совет за корекција на животните навики, како и за посета на матичниот доктор за корекција на терапијата. Во Кичево 20 проценти од посетените лица имаат новооткриена хипертензија и се упатени кај матичните лекари за терапија. Во Битола се откриени 15 пациенти со хипертензија, кои не знаеле дека ја имаат, кај околу 10 пациенти откриено е постоење на дијабетес, а кај осум пациенти – покачено ниво на холестерол. Сите се советувани да се јават кај матичниот доктор“, рече Тодоров.

Појасни дека за реализација на проектот „Домашна визита“ е изготвен детален Акциски план, за секој град поединечно, со точно определено време и место на посета од страна на патронажната служба.

„Посетите ги изведуваат обучени тимови од патронажните служби во здравствените домови низ целата држава (приближно една посета трае околу половина час) и тие имаат обврска секојдневно по неколку часа во денот да ги посетуваат постарите, хронично болни лица, кои доколку има потреба се упатуваат на повисоко ниво на медицинска здравствена заштита“, додаде министерот Тодоров.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека тоа што првпат тие прегледи ги ставиле во програмата „Здравје за сите“ е добра основа таа да продолжи и да стане една од постојаните програми на Министерството, како што се оние за набавка на инсулин, за кардиоваскуларни заболувања итн.

„Секогаш пред да се изврши посетата, таа телефонски се најавува за да знае пациентот дека наредниот ден доаѓа патронажната сестра“, посочи Тодоров.