Денес, 28-ми февруари 2014 година, во касарната „Илинден“ во Скопје се одржа свеченост по повод денот на Полкот за специјални операции (пСО) со која се одбележа и Јубилејот „20 години сили за специјални операции“. На свеченоста присуствуваа: Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, Државниот секретар во МО Сашо Стефаноски, претставници од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Собранието и Владата на Република Македонија, високи претставници од МО, командантите на потчинетите команди и единици на ГШ на АРМ, претставници од локалната самоуправа и други високи гости.
„Јубилеите се паметник за нашите успеси и дела, тие се нераскинлив дел од нашата историја, но и поттик за развој на Армијата како столб на одбранбениот систем на Република Македонија. Вам ви припадна честа, но и обврската да продолжите по патот на успехот по кој чекореа генерации ваши колеги во изминативе дваесет години“, им порача началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Горанчо Котески, на припадниците на Полкот за специјални операции кои денеска го чествуваат денот на полкот и јубилејот „20 години сили за специјални операции“.
Во таа насока, генералот Котески посочи дека високиот рејтинг и почитта која ја уживаат припадниците на полкот е стекната со несебично залагање и упорност, прикажувајќи дека тие се дел од народот и дека се секогаш подготвени да помагаат во тешки моменти. Воедно, НГШ се осврна и на исклучителните резултати кои македонските „Волци“ и „Ренџери“ ги прикажаа во петиполгодишното учество во мисијата „Слобода за Ирак“, како и во рамките на наменските сили „Феникс“ во мисијата ИСАФ, Авганистан. Овој дел од историјата на полкот за специјални операции, рече генералот Котески, е овековечен со голем број одликувања и признанија добиени од страна на нашите партнери, но и од НАТО-алијансата.
На свеченоста беше прочитана телеграма од Министерот за одбрана, Талат Џафери кој е на службено патување во седиштето на Алијансата во Брисел, кој истакна дека професионализмот, посветеноста и одданоста кон задачите, се само уште една потврда дека припадниците на полкот се најдоброто од Армијата на Република Македонија. Тој факт, додаде министерот Џафери, е добро познат и за нашите партнери и пријатели во седиштето на НАТО во Брисел.
Државниот секретар во МО, Сашо Стефаноски, честитајќи им го големиот јубилеј на припадниците на полкот, се осврна и на стратегиските определби и приоритети на Република Македонија и придонесот на полкот кон нивно остварување.
„Република Македонија својата иднина ја гледа интегрирана во двете евро-атланстки организации, НАТО и ЕУ. Нашата земја останува целосно подготвена за преземање на одговорностите и обврските кои ќе произлезат од идното членство и во НАТО и во ЕУ, вклучително и долгорочниот придонес во регионалната и евро-атлантската безбедност и стабилност“, истакна државниот секретар Стефаноски.
Командантот на пСО бригадниот генерал Васко Ѓурчиновски истакна дека специјалците со својот труд, залагање и несебично ангажирање, со својата стручна исклучителна професионалност и врвни стандарди, ги поттикнуваа сите припадници на АРМ во достигнувањето на високи стандарди. Тој упати благодарност до сите надлежни институции за конкретните вложувања во развојот на пСО, при што вети дека обврска на припадниците на пСО е да продолжат по патот започнат на 1-ви Март 1994 година.
На свеченоста, по повод Денот на пСО беа доделени стимулативни мерки на повеќе припадници од единицата, а на крајот прославата се заврши со свечено дефиле на единиците на пСО.
На први март 1994 година беше формиран баталјонот за специјални намени, кој беше основната единица за формирање на одредот за специјални намени, кој подоцна се трансформира во полк за специјални намени.