СДСМ: Ние сме изненадени и зачудени на што е горд градоначалникот во отчетот?

Деновиве градот го преплавија брошури во кои градоначалникот Никола Бакрачески гордо потенцира што наводно сработил во изминатиот период. Вака ја започна денешната прес конференција Христина Гогоска, раководител на центарот за комуникации на ОО на СДСМ Охрид.

 „Неговите истомисленици и подржувачи се потрудија отчетот да го презентираат речиси во секој дом, а ние се’ уште не можеме да се изначудиме на што се должи нивната гордост. Во отчетот граѓаните требаше да видат и да чујат што конкретно е сработено во изминатиот период, а не повторно за нереални и неостварливи планови за иднината.– истакна Гогоска.

Гогоска на прес средбата потсети што ветил, а што остварил градоначалникот Бакрачески :

„-Велите: „Затворен зелен пазар со шопинг-центар, улично осветлување со лед-технологија и затворен олимписки базен се покрупни проекти кои општината Охрид ќе ги започне оваа година“, но притоа не кажувате дека сето тоа планирате да го правите со јавно-приватно партнерство, односно на истиот начин како што тоа го планираше вашиот претходник, кој од вашата партија беше најмногу критикуван токму поради тоа. Со ова признавте дека Вашите планирани проекти  – и за пазарот, и за градското осветлување, и за базенот – се идентични со проектите на Петрески, кој не беше во можност да ги започне само поради опструкциите од централната власт.

   – Велите: „Охрид оваа година ќе биде едно големо градилиште“, а во градбите не ги спомнувате УП кои предвидуваат згради со П+5+ПО спратови во центарот на градот . И вие г-дине градоначалник во вашиот мандат ќе вршите забрзана урбанизација на градот затоа што граѓаните имаат потреба од истото, а Вашата изборна кампања најголеми поени добиваше на критиките упатени на сметка на претходниот градоначалник токму на темата урбанизација.    – Физибилити студии, идејни решенија и проекти за изградба на скијачки центар на Галичица се изработувале и во минатото, но Вие упорно нагласувате дека оваа идеја започнала со вашето доаѓање. Тоа е само уште една манипулација со вистината.

    – Стрелката на влезот од градот кај клучката и дислокацијата на макетата од охридската куќа – тоа за Вас претставува некаков проект

 – Се фалите со реновирање на опожарена зграда, со доделени хуманитарни пакети, со  разговори и помош на хендикепирани граѓани. Па тоа г-дине градоначалник наголемо се правеше и во минатото, но на никој не му паѓаше на памет да собира дневно-политички поени на сметка на вакви хумани гестови.

   – Се фалите со расчистените улици и паркови, во стилот, цитирам „Екипите на ЈП „Охридски комуналец“ започнаа со генерално чистење и хортикултурно уредување (косење и метење), а екипите на одделението за сообраќај и улици при општината Охрид интервенираа и ги заменија прегорените светилки. Истовремено, интервенирано е и на инсталациите на столбовите за улично осветлување.’’ Па зарем ова е за да се напише во отчет за сработеното? Па ова е најнормална секојдневна тековна работа на јавните претпријатија. Вие како да не живеевте до сега овде и како не знаете дека Охрид пред вашето доаѓање беше најчистиот град во Македонија. Тогаш, навистина не‘ чуди што во вашиот отчет не ги споменувате запрашувањето од комарци и хлорирањето на водата !?

  -Велите: „Оваа локална самоуправа ги почитува препораките на државниот ревизор, па затоа, на иницијатива на градоначалникот Бакрачески, беше донесен акциски план со цел да се надмине состојбата на финансиска нестабилност.“ Дали во акциониот план ги имате внесено мерките на заплашување на фирмите, кои побаруваат пари од општината, истите да ги отпишат целосно или делумно во делот на побарување на камати. Дали за класични изнудувачки и заканувачки мерки зборувате Вие? И кога еднаш, конечно, ќе излезете во јавност со прецизна спецификација за тоа кога, во кој период и од кого се направени долговите што ги има општината? До кога целата кривица неосновано ќе ја фрлате само врз претхнодната градска власт?

  – Меѓу останатото, уште една невистина и манипулација во очетот е тоа што градоначалникот како своја заслуга си го препишува и ставањето во функција на отворениот базен на спортскиот центар „Билјанини извори“ и почетокот на работата на пливачката школа Делфина. Па сите граѓани на Охрид знаат дека и базенот и школата беа отворени летото 2012 год., при што базенот беше комплетно саниран, а такму за отворањето на пливачката школа Делфина на проф. Соња Думбалоска Делова и‘ беше доделена св. Климентова повелба на 8-ми Декември 2012 год. За иронијата да продолжи и да биде уште поголема во областа на спортот, се промени името на РК Охрид 2011 во РК Охрид 2013, само за да се прикаже дека и неговото формирање започнало со доаѓањето на новата градска власт. Сево ова е само капка во морето на невистините и обидите за манипулации со јавноста во отчетот за сработеното.“ – рече Гогоска.

Од ОО на СДСМ Охрид потенцираа дека и понатаму ќе продолжат да ја известуваат јавноста за ветените, а како што рекоа нереализираните проекти, за кои како што кажаа, за жаал ги имало премногу за да биделе опфатени само со една прес конференција.