Исплатени 599,6 милиони денари субвенции на 18.248 земјоделци

Министерството за финансии исплати 599,6 милиони денари субвенции на 18.248 земјоделци по повеќе основи.

„Владата со редовна исплата на субвенциите за земјоделците останува доследна во поддршката на земјоделството како една од носечките гранки на македонското стопанство“, соопшти денеска ресорното Министерството.

За мерката произведен и продаден тутун од реколтата 2013, како што е наведено во соопштението, исплатени се 398,5 милиони денари на 13.056 тутунари. Финансиската поддршка за оваа мерка изнесува 60 денари за килограм произведен и продаден тутун.

За полјоделски култури исплатени се 60 милиони денари на 1.665 полјоделци. Финансиската поддршка по хектар обработлива земјоделска површина за полјоделски култури изнесува 9.000 денари.

За градинарско производство на отворено и во пластеници исплатени се 8,2 милиони денари на 368 градинари, а субвенцијата изнесува од 6.000 до 25.000 денари по хектар.

На 129 овоштари исплатени им се 6,7 милиони денари за одржување постоечки овошни насади, односно од 15.000 до 33.000 денари по хектар. За одржување постоечки лозови насади исплатени се 18 милиони денари на 231 лозар или 40 илјади денари по хектар.

Министерството за финансии информира дека за одгледување говеда исплатени се 38,3 милиони денари на 1.735 сточари, а субвенцијата изнесува 2.800 денари по грло. Двеста триесет и осум сточари земале 40,6 милиони денари субвенции за одгледување овци, односно 1.000 денари по грло. По 1.000 денари од грло или четири милиони денари, добиле 98 сточари за одгледување кози, а 58 сточари за одгледување маторици добиле 1,7 милиони денари.

Исплатени се 16,9 милиони денари за произведено и продадено кравјо, овчо и козјо млеко, при што висината на поддршката изнесува 3,5 денари по литар.

Министерството за финансии, како што е наведено во соопштението, денеска исплатило и 6,3 милиони денари субвенции на 670 земјоделци за осигурување на примарното земјоделско производство, односно 60 отсто од вредноста на полисата.