Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија, на денешната 83. седница, како матично работно тело, во скратена постапка, ги разгледа:
Предлогот на законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги;
Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти.
На седницата, во својство на претставници на Владата на Република Македонија, присуствуваа г-ѓа Марта Арсовска-Томовска, заменик-министер за информатичко општество и администрација и г. Џелал Бајрами, заменик-министер за транспорт и врски.
Претседателот на Комисијата, г. Реџаил Исмаили, ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени амандмани по Предлогот на законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во скратена постапка.
По Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, врз основа на член 149 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата за транспорт, врски и екологија поднесе три амандмани. Во Дополнетиот предлог на закон се вградени амандманите поднесени и усвоени од Комисијата за транспорт, врски и екологија и усвоени од Законодавно-правната комисија.
Комисијата за транспорт, врски и екологија ги проследи двата Предлог-закони на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.