Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија во јануари 2014 година изнесува 318. 574 илјади САД долари, а на увозот 506 431 илјади САД долари. Покриеноста на увозот со извоз е 62.9%. Трговскиот дефицит, во јануари 2014 година, изнесува 187 857 илјади САД долари. Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, феросилициумот, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи) и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина,необработени или во прав, суровата нафта, електричната енергија и други метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав. Во јануари 2014 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ 28 (82.1%) и земјите од Западен Балкан (11.7%), а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ 28 (65.5%) и Останати земји, на друго место неспомнати (10.4%). Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија (54.2% од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји).