Ставрески: Растот на индустриското производство силен импулс врз економијата

„Растот на индустриското производство и зголемувањето на бројот на работници во индустријата во јануари е позитивно и ќе даде силен имплус врз развојот на економијата во оваа година“, изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Коментирајќи ги најновите статистички податоци за растот на индустриското производство од 6,4 проценти, министерот Ставрески оцени дека трендовите во индустријата се добри и оти тоа претставува поддршка за постигнувањето на предвидениот економски раст за годинава.

Според него, значајно е и тоа што има креирање нови работни места во индустријата.

„За 6,5 проценти е зголемен бројот на работници во индустријата само во јануари годинава во однос на истиот месец минатата година, а ако споредиме со 2006 година имаме зголемување на бројот на работници во индустријата за околу 27 илјади. Ако се има предвид дека во поголем дел од овој период имавме светска и европска криза и во голем број земји имаше отпуштања од работа, а кај нас има зголемување на бројот на вработени, посебно во фабриките што се лоцирани во зоните, тогаш секако дека ова се позитивни движења и очекувам тоа да даде силен импулс врз развојот на економијата во оваа година“, потенцира вицепремиерот Ставрески.