Македонија е веќе на картата на странските инвеститори

Македонија е веќе позиционирана на мапата на странски инвеститори. Оваа година во земјата ќе влезат најмалку 20 нови компании кои ќе отворат нови работни места, изјави премиерот Никола Груевски.

„Во новогодишното обраќање истакнав дека очекувањата се дека најмалку 20 нови компании треба да отворат фабрики оваа година. Голем број компании веќе ги објавија своите инвестиции, а има и други најави. Со дел од компаниите разговорите се во завршна фаза и тие наскоро ќе ги објават своите инвестиции,“ рече Груевски во интервјуто за телевизија Сител.

Потсети дека германската Макард објави инвестиција во Велес и оти кон крајот на април планираат да почнат со нивната фабрика.

„Во Кочани веќе се вработуваат луѓе во компанијата Амфенол, а компанија од Дубаи почна со градба на свој капацитет на откупно дистрибутивен центар за извоз на пазарите од блискиот исток, а ќе купуваат јаболки од Ресен“, рече премиерот.

Украинската компанија која купи три концесии за рудници, како што нагласи Груевски, ќе вработи околу 400 до 500 лица, а ќе бидат изградени две фабрики за производство за жици од бакар и за преработка на бакар коишто ќе се извезуваат.

„Има и други најави од компании. Компанија со која подолг период работиме веќе ни најави отворање фабрика во Кичево и приближно илјада вработувања, за производство на воздушни перничиња за автомобили, но чекаме самата да објави. И други компании се во заврша фаза на објавување на својата инвестиција“, истакна премиерот.

Во тек се преговори и со други компании и очекувањата се дека позитивниот бран на инвестирање на странски компании ќе продолжи.

„По попуштањето на кризата во Европа и се поголемиот влез на инвеститори во земјава, Македонија веќе е позиционирана на мапата на странски инвеститори.“-рече Груевски.