Општина: Новата општинска власт направи препород во училиштата

Во врска со прес-конференцијата на ОО на СДСМ, реакција испрати Општина Охрид, во која стои :

„За вистината или лагата со СДСМ од Охрид, веројатно можеме да дебатираме одовде до вечноста, зошто тие се неуморни во лагите, но за фактите уверени сме дека и “другарите” во СДСМ еднаш конечно мора да ги прифатат. А, фактите зборуваат дека по доаѓањето на новата локална власт, затекнатата финансиска состојба во училиштата е долг од 1,5 милион евра и блокирани сметки најмногу по основ на долг за нафта за греење, како и комунални давачки за струја, вода, телефон и сл. Воопшто не е театар, туку максимални заложби и домаќинско работење на новата локална власт за надминување на ваквата состојба и непречено функционирање на училиштата во градов.

Трансферираните средства до училиштата за десетте месеци во 2013 година во висина од над 18 (осумнаесет) милиони денари, само ја покажуваат нашата посветеност и одговорност кон образовните институции и иднината на нашите деца, за разлика од СДСМ кој неможеше да обезбеди ниту транспорт на учениците до училиштата.

Што се однесува до средствата за отпремнини и солидарна помош: тие изнесуваа 2.900.000 (два милиони и деветстотини илјади) денари, што е многу помалку од износот на долгот за нафта за смо едно училиште! Министерството за образование и навреме да ги исплатеше овие средства, тоа незначително ќе влијаеше на вкупната финансиска состојба во образовните институции.

Кога сме веќе кај манипулациите, зошто СДСМ на каже дека во училиштата во градов во наставно-образовниот процес и понатака 80% од наставниците кои досега беа ангажирани, останаа на своите работни места, а отпаднаа оние кои не ги исполнија очекувањата.

Но, главните карактеристики на политиките на СДСМ беа и останаа манипулациите. Кој знае, можеби во иднина нешто и ќе научат и ќе разговарме за реализирани проекти, одговорност и јасна и недвосмеслена отчетност, што во моментов се мислени именки за СДСМ.“– стои во реакцијата од Општина Охрид.