Филе им потврди на Бесими и Попоски дека Пристапниот дијалог со ЕУ ќе продолжи по изборите

Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Република Македонија и Европската комисија, ќе продолжи веднаш по одржувањето на изборите во нашата земја, со фокусирање на теми што би биле главни во официјалните преговори за членство во Европската унија.

Ова е главната порака што заменик-претседателот на македонската Влада задолжен за евроинтеграции, Фатмир Бесими, заедно со министерот за надворешни рбаоти Никола Попоски, денеска ја добија од еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, на нивната средба во Брисел, јавува дописникот на МИА од европската престолнина.

Според вицепремиерот Бесими, со Филе е договрена наредната рунда од Пристапниот дијалог на високо ниво и неговата посета за оваа цел на Скопје да се случи веднаш по изборите со цел да се дефинира содржината за наредната средба во рамки на дијалогот.

Таканаречениот ХЛАД, овојпат се очекува да содржи две главни теми, а тоа се добрососедските односи и владеењето на правото и фундаменталните права.

„Разговаравме и што е се направено од нашаа страна на овој план и која е конкретната динамика за владиниот Акциски план за наредниот период. Идејата е да дефинираме спефицични цели што во наредниот период ќе значи и соодветни и забележливи промени во однос на делот кој се однесува на владеењето на правото и напредокот во однос на добрососедските односи“, истакна Бесими.

Вицепремиерот задолжен за евроинтеграции, истaкна дека со Филе разговарале и за претстојните претседателски и парламентарни избори, a заеднички заклучок бил дека европската агенда за Република Македонија останува стратешки приоритет и реформите во тој дел нема да имаат прекин.

„ Сите предвидени динамики во Акцискиот план ќе бидат тема на државните институции и во наредниот период, наредниот состав на Собранието и Владата, европската агенда останува приоритет за Република Македонија,“ додава Бесими.

Темата на дијалог на денешната средба ја потврди и шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, кој посочи дека има неколку цели што се заеднички договорени со Европската комисија.

„Најпрво сакаме да ги заокружиме сите реформи што се најзначајни за ХЛАД-от во досегашниот процес, а потоа да се посветеми на оние што ќе ни бидат најважни во фазата на преговори за пристапување на Македонија во Европската унија. Во овој правец разговаравме за можноста да го одржиме следниот состанок по одржувањето на изборите кај нас, со посебен фокус на две теми и неколку поглавја кои се поврзани со самиот почеток на процесот на преговори. Ова ќе ни овозможи да обезбедиме следливост на сите реформи кои досега ги остваривме во делот на законодавството и ќе ни обезбеди подобра динамика на одвивање на овој дијалог кон формалното спроведување на процесот на преговори меѓу Република Македонија и ЕУ“, истакна Попоски.

Во соопштението по оваа средба, од кабинетот на еврокомесарот за проширување на Унијата, посочуваат дека на идниот состанок во рамки на Пристапниот дијалог на дневен ред ќе има помалку прашања отколку во текот на претходните рунди на ХЛАД, но оти „посебно внимание ќе биде посветено на конкретни предизвици на земјата, па постигнатите резултати може да придонесат за натамошно унапредување на процесот на пристапување”.

„Во овој контекст комесарот Филе ја истакна важноста на инклузивноста и истакна дека Националниот совет за евроинтеграции треба да игра улога во понатамошни реформи поврзани со ЕУ и во контекст на ХЛАД. Тој денеска со Бесими и Попоски разговараше и за спроведувањето на политичкиот договор од 1 март минатата година и клучните реформски приоритети, вклучително и во областите на слободата на медиумите, независноста на судството и изборното законодавство, како и добрососедските односи“, се вели во соопштението на Европската комисија за средбата.

Во соопштението од кабинетот на Филе посочуваат дека комесарот изразил очекување оти однесувањето на претстојните избори, под новата ревидирана и имплементирана изборна рамка, ќе бидат слободни и фер, и дека сите партии и граѓани ќе се вклучат во зрел политички дискурс.