Грчката позиција во однос на Косово е добро позната и таа не е променета, изјавил портпаролот на грчкото Министерство за надворешни работи, Константинос Кутрас.
Неговата изјава следуваше како реакција на исказот на шефот на дипломатската мисија на Грција во Приштина, Димитрис Маскопулос, според кого ако Атина го поддржи членството на Косово во Еевропската унија, тоа значи дека ја признала неговата независност како држава, пишува „Блиц“.
Според Кутрас, Маскопулос веќе го објавил соопштението во кое ги демантирал тврдењата дека Атина планира да го признае Косово.
„Очигледно неговите зборови се погрешно интерпретирани“, изјавил Кутрас.
Агенција „Бета“ и весникот „Данас“ исто така ја пренесуваат изјавата на Кутрас.
Медиуми во Србија вчера пишуваа дека Грција најверојатно ќе ја признае независноста на Косово. Приштинскиот весник „Коха диторе“ објави изјава на шефот на дипломатското претставништво на Грција, Димитрис Маскопулос, според кого Атина ќе го признае Косово, но не бидејќи смета дека е држава, туку во интерес на мирот и стабилноста во регионот. Според него, сите земји од ЕУ треба да го признаат Косово.
Извор: Нет Прес