МНТ со повеќе од 40 претстави, три премиери и над 23 000 посетители

Во новиот објект на Македонскиот народен театар од премиерата на „Вечната куќа“ во декември досега се одиграни над 40 претстави, три премиери, а бројот на посетители е над 23 000. Со силна уметничка позитивна енергија и придонес на сите актери, Македонија во делот на уметничкото творештво се претстави не само тука, туку и на сите светски сцени каде што гостуваа изминатиот период.

Ова го посочи министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која денеска го посети Македонскиот народен театар и присуствуваше на пробата на претставата „Сината птица“, во режија на Златко Славенски, која премиерно ќе биде изведена во почетокот на мај. Таа претходно се сретна со директорот на МНТ, Дејан Лилиќ, со вработените и со дел од актерите со кои разговараше за функционирањето на оваа национална установа. Во МНТ, како што истакна, секојдневно има претстави и на големата и на малата сцена, а досега се реализирани три премиери – две на големата сцена и една на малата сцена.

„Се заблагодарив на целиот тим, на сите актери во МНТ за нивниот силен придонес во целокупното творештво и културата на нашата држава. Ме запознаа со сите активности на театарот. Успесите се значително големи“ – рече Канческа-Милевска.

Таа им искажа благодарност на актерите и за нивниот ангажман околу првата премиера на отворањето на новиот објект „Вечната куќа“, претстава која, како што рече, ќе биде запаметена во театарската историја на Република Македонија.

„Претставата беше голема од секој можен аспект и од делот на прикажување на целокупната сценска технологија што ја поседува театарот, од моќноста на целокупната актерска екипа која се најде на сцената и од режисерката моќ на Дејан Пројковски“ – истакна Канческа-Милевска.

На средбата со директорот Лилиќ и со дел од актерите станало збор и за идните активности, како и за првиот меѓународен фестивал што во мај ќе го реализира МНТ и на кој голем број театри од регионот и пошироко ќе учествуваат и ќе ја работат својата претстава со врвната сценска технологија и аудио и видеоопремата што ја има театарот.

Лилиќ рече дека морале да ги разбијат стереотипите како треба да работи еден театар и како било досега. Се обидовме и на актерите и на вработените, истакна Лилиќ, да им наметнеме европски и светски стандарди како треба да се работи еден театар.

„Ангажирани сме од сабајле до полноќ бидејќи речиси секоја вечер има претстава. Во април ќе имаме и денови кога ќе играме паралелно претстави и на големата и на малата сцена со различен термин. Идејата е да имаме во 30 дена во еден месец над 30 претстави изведени во МНТ. Монументалната претстава „Вечната куќа“ сите ја чувствуваат како голем театарски проект, нешто што досега не е видено “– посочи Лилиќ.

Тој рече дека во монументалната претстава „Сината птица“ од Морис Метерлинг, во режија на Златко Славенски, повторно ќе ја употребат речиси целата технологија, како и уште некои нови елементи кои, според него, може да бидат многу интересни во една театарска приказна.

„Се работи во МНТ со полна пареа и со големо задоволство и среќа го очекуваме меѓународниот театарски фестивал на кој ќе дојдат национални театри од регионот и уште еден голем театар надвор од балканскиот простор“ – додаде Лилиќ.

Славенски истакна дека „Сината птица“ е еден многу сложен комплициран проект, но е многу едноставен бидејќи се собрала екипа која сака да го направи проектот.

Театарот, како и секогаш, нагласи тој, е еден тип колективно мечтаење, но во овој случај имаме многу голема помош и од технологијата на сцената на ова здание на МНТ кое дава можност таа магија да дојде до некои крајни разработени граници кои обично многу тешко може да се постигнат.

„Многу ми е драго што има една атмосфера, да кажам победничка, што одамна ја немало во театарските сфери. Затоа мислам дека е многу битно да ја направиме претставата која ќе значи за публиката и за сите нас. Тоа е една приказна за многу суштински работи кои ни се случуваат во животот“ – додаде Славенски.

Актерот Сашко Коцев рече дека за многу краток период, за само четири-пет месеци откако се во објектот, имале многу проби.

„Целиот репертоар од стариот МНТ да се пренесе во новиот објект, тоа се ноќи непреспиени. Репертоарот е пренесен, има публика многу. На посетителите им е многу убаво да изгледаат убаво, да бидат видени тука, да испијат една чаша вино, да изгледаат една претстава, да продискутираат“ – додаде Коцев.