По 3.000 евра за отворање бизнис со самовработување

Речиси 950 невработени лица кои активно бараат работа годинава ќе бидат обучени за отворање на сопствен бизнис во рамките на Програмата „Самовработување 2014 година“. Секој од нив ќе добие и грант од околу 3.000 евра за отворање бизнис, а доколку вработи уште едно лице и дополнителни 1.500 евра.

За тоа, како што информира вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, во Програмата за работа на Владата за 2014 година се предвидени околу 3,2 милиони евра.

Вицепремиерот Пешевски денеска во Агенцијата за вработување на Република Македонија се обрати пред првите 26 учесници на обуката за „Претприемништво и бизнис планирање“ со што официјално започна годинашниот циклус на обуки за самовработување.

Обуката ќе трае четири дена, а посетителите ќе се запознаат со начинот на водење на бизнис и сметководство, односно како се разавива бизнисот и се смислува бизнис идеа, за на крај да изрботат бизнис план кој ако биде успешен ќе биде финансиран со 3.000 евра. На најдобрите 50 бизнис планови им се нуди можност за дополнително едно вработување во рамките на нивното новоформирано претпријатие, односно дополнителна финансиска поддршка во износ од 1.500 евра.

„Ова е еден од проектите кој има особена поддршка и залагање од страна на Владата. Во периодот од 2007 до 2013 преку Програмата за самовработување беа формирани вкупно 5.835 микро бизниси, што укажува дека е направен значаен чекор во насока на намалување на невработноста. Особено сме задоволни од стапката на одржливост на отворените бизниси, која за овој период изнесува близу 75 отсто“, изјави Пешевски.

Според него, податоците дека 25 отсто од отворените мали претпријатија обезбедуваат вработување и за трети лица, како и тоа дека секое четврто претпријатие е формирано од младо лице до 27 години, претставуваат дополнителен поттик Владата да продолжи да ја зголемува подршката за оваа програма.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски истакна дека целта на Програмата за самовработување е да се намали невработеноста преку обучување и стимулирање на невработените лица за отпочнување на сопствени бизниси.

„Денеска почна обуката на првата група од повеќето групи кои ќе бидат обучувани од првиот оглас за оваа година за самовработување. На обуката што ќе трае четири, а која се одвива под водство на експерти кои им даваат инструкции као, што и колку треба да вложат во својот бизнис за да бидат успешни“, рече Поповски.

Тој нагласи дека досега преку ваквите обуки вработливоста е над 80 отсто, бидејќи и дел од оние кои ја затвориле компанијата се вработиле во други компании.

Изминатата година, во рамките на двата циклуси на програмата, близу 1.500 лица ја посетија обуката за претприемништво при што со помош на стручни деловни консултанти развија бизнис идеи. Најдобро оценетите 930 бизнис планови добија советодавна и финансиска неповратна поддршка за регистрација на фирма и набавка на опрема и материјали во износ од 3.000 евра.

Од 2007 до 2013 година обуката за „Претприемништво и бизнис планирање“ ја имаат посетено над 7.000 кандидати кои се имаат здобиено со знаења од областа на менаџментот, финансии, маркетинг, продажба и деловно планирање.

Програмата за самовработување се реализира од страна на Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување, Агенцијата за поддршка на претприемништво и Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП.