По 10 години Македонија повторно на младинско ЕП во ракомет

По десет години пауза Македонија повторно ќе игра на младинско ЕП. Со три победи на квалификацискиот турнир во Скопје, нашите младинци го освоија првото место, и убедливо зад себе ги оставија врсниците од Италија, Исланд и Грција. Триумфот над Исланд од 21-15 беше само потврда на квалитетот на Македонија, зрелоста на ракометарите да играат и со фаворизирани ривали, да го носат притисокот на настап пред домашна публика, но и да одиграат маестрално и да порачаат дека нивното време допрва доаѓа.

Последен пат младинска репрезентација играше на ЕП во 2004 година, кога во Летонија го освоивме последното место, а две години претходно во Полска за малку ни избега златото. Се почна во 2000 година во Грција кога бевме осмопласирани.

Сега повторно имаме генерација која сигурно ќе покаже многу повеќе на завршниот турнир во Австрија летово (24 јули – 3 август)

Ракометарите кои дојдоа во Скопје како фаворити, како наследници на моќната скандинавска школа ѝ парираа на Македонија само 20-тина минути. Во завршните десет од првото полувреме Македонија направи серија од 5-1, замина на пауза со 12-8 и покажа дека патникот на ЕП од турнирот во Скопје е веќе познат.

На ист начин како што нашите надежи го завршија првиот дел, така и го отворија второто полувреме, со нови два гола на Талески и Дрогишки предноста порасна на плус шест (14-8). Стекнатата предост на стартот од вториот дел од шест погодоци, нашите момци умешно ја одржуваа, а до самиот крај успеаја да ја зголемат на девет гола. Сосема очекувано, во финишот концентрацијата опадна, Исланѓаните се приближија на шест погодоци за конечни 21-15. Филип Талески уште еднаш се покажа како ракометно чудо од дете, па иако е кадет во конкуренција на младинци, го заврши клучниот меч со дури 11 постигнати погодоци, додека Мартин Манасков четири пати го совлада исландскиот голман.

„Ова е плод на 20-дневна работа, на беспрекорна борба на секој дел од теренот во овие три меча. Како одминуваше турнирот игравме сѐ подобро. Против Италија бевме како во еден грч, но потоа влеговме во посакуваниот ритам. Ова е голем успех за оваа генерација, но и за македонскиот ракомет воопшто. Ние имаме еден вакуум од 18-19 годишна возраст до кај 25-6 години. Имаме тројца играчи во 8 годишен интервал. Имаме мал дефицит, но со овие ракометари, родени од 1994 до 1996 година создаваме еден темел на ракометот и со уште поголема работа со помладите генерација да го застанеме македонскиот ракомет на уште поздрави нозе“. – изјави Зоран Петковски – селектор на репрезентацијата.