Милошоски: Охрид и охридско во следните 4 години ќе биде едно градилиште, како што не било во последните 50 години

Од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид денес на прес-конференција истакнаа неколку работи во однос на изборната програма на партијата, односно работи кои ќе бидат важни за охридскиот регион.

„Она што ни е најважно дека како и до сега така и понатаму ВМРО-ДПМНЕ настапува со проверена програма, програма во која што имаме рокови, проекти, носители на проекти, кога треба да се завршат и отчет кој што ќе се даде откако секој проект ќе биде реализиран. 2046 проекти се предвидени во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, кредибилитетот се остварените работи во изминативе 8 години и кредибилитетот е дадениот збор на премиерот Груевски, на групата пратеници, на целата Влада и на коалицијата „За подобра Македонија“. Сметам дека наметнавме еден нов квалитет на однесување во политиката, а тој квалитет на однесување во политиката е одговорност. Одговорност кон граѓаните, контакт со граѓаните, слушање на нивните потреби, постојана комуникација и излегување со проекти кои што ќе ги задоволат тие потреби и ќе понудат решенија за постојните проблеми.“ – истакна Антонио Милошоски – носител на листата во 5-та изборна единица од ВМРО-ДПМНЕ.

Милошоски на прес средбата најави дека Охрид и охридско во следните 4 години ќе биде едно градилиште, како што не било во последните 50 години.

„Тоа градилиште ќе почне со автопатот Кичево-Дебрца-Охрид, со автопатот Требеништа-Струга, со 4 ленти пат до Пештани, со можност истиот да продолжи до граница и Св.Наум, со обнова и реконструкција на патот со уште една дополнителна лента Охрид-Ресен-Битола и со отварање на првата поголема странска инвестиција во случајов германска, во охридскиот регион, која што чини 25 милиони евра инвестиција, ќе отвори 750 работни места. Сметам дека ова се работите кои што ги даваме како збор, како излагање, како обврска за која што ќе работиме дополнително да се оствари. Во овие 4 години ќе работиме на остварувања на ветувањето за привлеување на 30 нови странски инвестиции во Р.Македонија. Од тие 30 нови странски инвестиции во РМ, ние како кандидати денес, а утре како пратеници, наша задача ќе биде заедно со општината Охрид, со градоначалникот и со сите надлежни институции, што е можно повеќе да лобираме, дел од тие дополнителни странски инвестиции да бидат во овие наши краишта“. – рече Милошоски.

Милошоски потенцира дека самата градба на патиштата значи работно ангажирање на 1000 луѓе, 1000 градежни работници, градежни инжењери, луѓе кои што ќе бидат доставувачи, возачи на камиони, луѓе кои со свои фирми ќе бидат изведувачи или подизведувачи на сите овие патни правци.

„ВМРО-ДПМНЕ за прв пат после 24 години независна Република Македонија, е партијата која што кога зборува за фабрики не зборува за затварање на стари и постоечки фабрики, туку зборува за отварање на нови фабрики привлечени конкретни странски инвестиции. Зошто некој би можел да верува на дадениот збор? Затоа што дадениот збор до сега бил остваруван.“ – додаде Милошоски.

Како што рече Милошоски, тие како пратеници одлучиле во идниот состав на парламентот по предлог на Владата, во септември да изгласаат Закон, кој што ќе биде наменет за еднократен отпис на долговите на социјалните случаи.

„Тоа значи дека ако некој социјален случај кој што е заведен во Агенцијата за вработување, како невработен во последните 12 месеци, или нема остварено поголеми приходи во текот на годината, или па заради смрт на сопружник, сопруга, тежок инвалидитет, губење на работна способност или нешто слично, се довел во неможност и се задолжил и не може да ги плати достасаните долгови, за струја кон ЕВН, за сметки за радио-дифузна такса или банкарски сметки, тековни во однос на потрошувачки кредити, со тој Закон, Собранието на Р.Македонија на овие луѓе еднократно ќе им го отпише долгот. Отпишувањето на долгот ќе оди на таков начин, што Владата преку Министерството за финансии и во соработка со Министерството за труд и социјална политика, на фирмите, банките, приватните претпријатија, во случајов ЕВН или одредена банка, отпишаниот долг кој што ќе му биде простен на тоа физичко лице, ќе им го одбие по однос на нивните давачки што тие треба да ги имаат кон државата. Тоа е нашата цел, тоа е нашата програма, која што предвидува 64 000 нови работни места.“ – истакна Антонио Милошоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека со ваквото интензивно привлекување на странски инвестиции, со отварање на капитални проекти, со инвестирање во јавната инфраструктура, со зголемување на потенцијалите и во земјоделието и во туризмот, со создавање на уште полесни услови за достап на малите и средни претпријатија до кредитите и привлекување и давање на уште една кредитна линија од 100 милиони евра преку европската инвестициона банка, дека ќе успеат овие 64000 нови работни места да ги создадат реално, конкретно и истите да бидат нивниот најголем капитал за дополнително намалување на невработеноста и зголемување на вработеноста во Р.Македонија.

Како носител на листата по трет пат во петтата изборна единица, Милошоски истакна дека здравството е еден од приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој додаде дека и понатаму ќе продолжат да ја подобруваат внатрешната градска инфраструктура, инфраструктурата во однос на училиштата, да се зголемуваат инвестициите во образованието и да се зголемуваат инвестициите во културата.

„Особено ни е важно да упатиме една порака која што е јасно и гласно ветување, а тоа е дека зголемувањето на платите и пензиите ќе продолжи со Владата на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Груевски. Ние се обврзуваме дека секоја година ќе имаме зголемување на платите и пензиите со тоа што во рок од 4 години би имале 21,5% покачување на секоја плата и на секоја пензија.“ – заврши Милошоски.

PressMilososki_2

WebOhrid