Василевски: Иванов е човек кој е посветен на државата

На последната прес-конференција на кандодатите за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, кандидатот за пратеник Александар Николовски се осврна на новите проекти што се содржани во програмата на оваа партија.

„Од 2015 година ќе почне да се гради експресен пат со четири ленти од Охрид до Свети Наум со првична делница која ќе поминува над Косел, Лескоец, Велгошти, Свети Стефан, Коњско и Пештани и која ќе значи комплетно растеретување на постојниот пат којшто оди по источниот брег на Охридското Езеро и ќе значи комплетен туристички развој на целиот тој потег. Ова решение заедно со автопатот во Кичево ќе значи автопатско поврзување од македонско-албанската граница до Кичево, а  ако се изнајде концесионер и заклучно со Гостивар и Скопје,“ рече Николовски.
 
Тој зборуваше и за новите вработувања што ќе се отворат со инвестицијата од 15 милиони евра на германската фабрика ОДВ Електрик, во која како што рече, на почетокот ќе се вработат 100 луѓе, а по изградбата на економската зона во охридско-струшкиот регион, до крајот на годината ќе почнат да работат и 1.000 луѓе.
 
Кандидатот за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Сашо Василевски, на денешната прес-конференција повика, граѓаните масовно да излезат на гласање на претседателските избори в недела.
 
„Имаме повеќе причини зошто го поддржуваме нашиот досегашен и иден претседател Иванов. Иванов е човек кој е посветен на државата, кој изминатиот период не направи ништо со што би ги нарушил националните интереси на Република Македонија, претседател, татко на нацијата кој беше единствен и ја повлече црвената линија за македонските национални интереси, “истакна Василевски.
 
Третиот кандидат за народен пратеник од оваа партија, Љубен Арнаудов, на денешната прес-конференција најави дека ден по претседателските избори, ВМРО-ДПМНЕ во Охрид ќе одржи митинг за парламентарните избори закажани за 27-ми април.
 
„Големиот митинг на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржи во понеделник, на 14-ти април со почеток во 19:00 часот на градскиот плоштад во Охрид. Ќе бидат претставени кандодатите за пратеници од изборната единица 5 заедно со носителот Антонио Милошоски,“ најави Арнаудов. 
Извор: Супер радио