Иванов: Сега е најважно масовно да се излезе и да се гласа

Ѓорѓе Иванов, кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на вечерашниот митинг во Струга кажа  дека вчера во овој град освоил повеќе гласови отколку на изборите во 2009 година и изрази надеж и дека во вториот круг разликата ќе биде уште поголема.

„Имавме успешни, фер и демократски избори, какви што и доликуваат на Македонија. Тоа е успех за Македонија, за сите македонски граѓани. Благодарам за поддржувачите, за ВМРО-ДПМНЕ, за коалицијата За подобра Македонија! Благодарам за нашите иселеници низ светот! Иселениците направија голема разлика. Благодарам на сите Стружани што излегоа да гласаат. Им благодарам на сите кои гласаа за мене! Избравте континуитет, избравте проекти и резултати. Избравте посветеност и работа. Избирате чесни, одговорни и вредни луѓе во политиката“ истакна Иванов и  ги повика стружани да гласаат и во во вториот круг на изборите.

Тој ги повтори своите заложувања во одбраната на државното единство на земјава.

„Неодамна ви дадов и програма на континуитет во која јасно кажувам каква Македонија ќе градиме доколку повторно ја добиеме вашата доверба.Македонија економски силна и развиена, членка на Европската унија и НАТО. Македонија која гради добри односи со соседите и е отворена кон светот. Држава во која младите ќе можат да добијат квалитетно образование, работа и услови да формираат семејства и да имаат потомство.Македонија како држава во која никој не е над законот, и во која законот никого не обесправува“, посочи Иванов.

 Во своето обраќање пред стружани тој истакна дека Струга секогаш најтешко поминувала кога имало мала излезност на изборите.

„Вчера во општина Струга излегле да гласаат само 26 отсто од избирачите. Тоа значи дека 74 отсто од избирачите не гласале.Важно е масовно да се излезе и да се гласа. Вие, што излеговте да гласате можете да ги охрабрите и оние кои не излегле. Можете да ги охрабрите вашите соседи, вашите роднини и пријатели, затоа што се работи и за нив, се работи за нивното право да одлучуваат за иднината на Македонија, право да го трасираат патот по кој ќе чекориме и ние, и нашите деца. Сега е поважно од кога било порано да се гласа. Вие одлучувате за Македонија. Дајте го вашиот глас за Македонија.Ова се едни од најважните избори за Македонија. На 27 април ќе гласате каква Македонија сакате“, истакна Иванов.

Актуелниот претседател и кандидат за истата функција на крај пред стружани посочи дека мора да се заврши започнатото, а за тоа се потребни гласовите на граѓаните и поголема масовност на изборите.

Извор: Нет Прес