Предвелигденски концерт на младите таленти од Бреинобреин програмата во ОМУ „Методи Патче“

Атрактивен и интересен настан се одржа вечерва во просториите на Музичкото училиште „Методи Патче“ во Охрид. Црвен крст Охрид организира предвелигденски концерт на младите таленти кои ја посетуваа едукативната Бреинобреин програма во Бреинобреин-Црвен крст Охрид-Центарот за развој на животни вештини.

„По повод велигденските празници решивме да организираме еден вид на предвелигденски концерт на оние дечиња кои што се дел од музичкото училиште, го посетуваат покрај Бреинобреин програмата, меѓутоа и оние дечиња кои што одат во танцовиот клуб на Бреинобреин. Денес се прикажаа сите оние вештини кои што се стекнати во текот на овие 5 години, каде што децата ги изучувааат сите оние вештини кои што ги добиваат со бреинобреин програмата.Веќе 5 години функционираме во рамките на Црвениот крст Охрид. Бреинобреин програмата веќе и доста е раширена низ Македонија.“ – изјави Царева Рувинова, координатор на Бреинобреин програмата.

Рувинова вели дека тие се еден од првите центри низ Македонија, ако не и први на Балканот, од нив започнала целата оваа приказна.

„Веќе 5 години околу 50 дечиња се веќе при крај на изучувањето на оваа програма, самата програма е конципирана така што се изучува математиката, преку абакусот и англискиот јазик како и оние многу животни вештини, бреин џим и неуролингвистичкото програмирање, кое е вклучено како дел од оваа програма.“ – рече Рувинова и додаде дека целта на програмата е да им помогне на дечињата во текот на школскиот процес и да бидат понатака лидери на својот живот.

Покрај своите музички вештини и способности, 40 деца на возраст од 4-14 години ги презентираа и техниките и вештини стекнати со Бреинобреин програмата, а кои ја потенцираат  фотографската меморија, нумеричките и вербални способности, мултитаскингот.

„Се она што се изучува ќе им користи цел живот, значи од 4 до 14 годишна возраст, е оној период  кога што децата најдобро можат да го примат она целосно знаење, односно да го развијат мозокот. Во мозокот постојат еден милион неурони кои што се со неискористен потенцијал. Оваа програма има за цел да ги развие двете хемисфери на мозокот подеднакво, преку вештини и преку таа програма што ја изучуваме. 10 нивоа се во прашање, секое ниво трае од три до четири месеци и на крај децата добиваат сертификати ИСО 9001 кој што е признат во светот, така се отвараат многу центри, оваа година бевме на вториот национален натпревар, освоивме доста награди, тука ни беа гостинчиња и дечињата од Косово, оваа година се отворија центри и во Хрватска, така што ќе имаме повеќе деца во нашата бреинобреин фамилија“ –  рече Рувинова.

WebOhrid