Целосно ќе се реконструира специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“

ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид денес одржа прес-конференција пред специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“, посветена на дел од градежните зафати во делот на реконструкција и адаптација на болницата, како и  изградба на еден дел во кој ќе биде сместен Заводот за кардиоваскуларни заболувања од Охрид.

„Болницата е повеќе од регионален центар и се изведуваат најсложени операции, и во идната програма како проект е целосна реконструкција на специјалната болница „Св.Еразмо“ од Охрид. Ќе имаме две фази, во првата фаза е предвидено реновирање на централната стара болничка зграда, реорганизирање на амбулантите, лабораторија, дијагностички содржини и централната стерилизација, како и реновирање на операционите сали со интензивна нега, болничките оддели со оформување на бањи во секоја соба и комплетирање на одделенијата со сите потребни содржини за поддршка. Буџетот е 65 милиони денари, рок на реализација до 2017 година, со средства обезбедени од Владата на Р.Македонија. Ова докажува дека ние пред вас како одговорни граѓани и професионалци, излегуваме со проекти кои ќе ги реализираме. Докажува фактот дека на едно слично место, само пред три години во ЈЗУ Општа болница Охрид, дадовме ветување дека ќе имаме најмодерна болница од хируршки карактер. Имаме најсовремена болница во југоисточна Европа.“ – истакна кандидатот за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, д-р Сашо Василевски.

Во периодот од 2017 до 2019 година ќе отпочне втората фаза на дооформување на ортопедската болница со услови за имплементација на Заводот за кардиоваскуларни заболувања.

„Некои промени ќе се случуваат во здравството на ниво на општината, кои не само во ортопедската болница, туку и во општата болница и во болниците во Струга. Салите за интервентна кардиологија ќе бидат во ортопедската болница, според сите европски стандарди кои се бараат за тоа, така што оваа болница ќе се шири не само на општинско ниво туку и повеќе на Балканот.“ – додаде кандидатот за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ д-р Љубен Арнаудов.

Градоначалникот Бакрачески, како доктор кој што 17 години практикува медицина и уште 7 години како директор на Заводот за кардиоваскуларни заболувања, како што кажа, здравствениот систем во Република Македонија во минатото бил во една катастрофална состојба, објектите, односно здравствените установи се распаѓале, немало ни минимум потребни услови за нормално функционирање на објектите, ниту пак биле вложувани средства во градежни зафати.

„ВМРО-ДПМНЕ како сериозен и одговорен политички субјект од 2006 година навака, интензивно вложуваше во подобрување на квалитетите на здравствените услуги и на здравствената нега на ниво на целиот здравствен систем на Р.Македонија. Во изминатите 2-3 години интензивно се вложува во реконструкција и во градба на болничките капацитети. Ние ќе продолжиме и понатака да вложуваме во здравството, во осовременување на опрема, во градба на нови капацитети.“– рече Бакрачески и потенцира дека  најважна е грижата на ВМРО-ДПМНЕ односно на Владата на Македонија, Министерството за здравство, за воведување на систем за континуирана медицинска едукација на лекарите и медицинскиот персонал во реномирани центри во Европа и во Америка.

Како што рече Бакрачески, тој систем овозможувал на сите лекари од било која специјалност да престојуваат одреден период во реномирани центри под менторство на еминентни експерти од сите области н медицината и да се стекнат со одредени вештини, односно знаења кои што ќе можат после враќањето во матичната установа да ги применат во Р.Македонија.

WebOhrid